Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс со убедлив триумф 136:100 поведоа со 2-0 во финалето на Западната конференција во НБА лигата, против Сан Антонио Спарс.
Вориорс со разновиден напад го скршија противникот во првиот дел. Во првото полувреме домашните кошаркари запишаа 23 асистенции и го израмнија плејоф рекордот на Хјустон од сезоната 1996/1997.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Стеф Кари го предводеше Голден Стејт со 29 поени (6-9 за три), по седум скокови и асистенции и три украдени топки. Кари по овој меч на вечната листа на најдобрите шутери за три поени во плеј офот, на шестото место го мина поранешниот ас на ЛА Лејкерс, Дерик Фишер.
Покрај Кари уште петмина играчи на Голден Стејт постигнаа двоцифрен број на поени: Патрик Мекоу (18), Кевин Дурент (16), Дрејмон Грин (13 поени, 9 скокови, 6 асистенции), Шон Ливингстон (11) и Ијан Кларк (10).
Најдобар кај Сан Антонио беше Џонатан Симонс со 22 поени (личен рекорд во плејофот), додека Летонецот Давис Бертанс за 13 минути постигна 17 поени без промашување.
Третиот меч од финалната серија на Западот ќе се игра во ноќта помеѓу сабота и недела од 3 часот по средноевропско време.