Фудбалерот на Ливерпул Федерико Киеза поради повреда ќе го пропушти натпреварот на својот тим против Болоња вечерва во Лигата на шампионите.
Отсуството на Киеза за овој натпревар го потврди тренерот Арне Слот.
Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
„Федерико тренираше со нас, дојде денес со некои проблеми и не очекувам да биде во тимот. Штета, навистина се радуваше на играњето во Лигата на шампионите, посебно затоа што играме против италијански тим“, изјави Слот на прес-конференцијата за медиуми.
Киеза кој со репрезентацијата на Италија го освои Европското првенство во 2021 година ова лето се пресели во Ливерпул од Јувентус.
„Тешко да се каже кога ќе биде повторно спремен бидејќи се случи вчера, но мислам дека нема долго да отсуствува“, додаде Слот.
Од друга страна се очекува Диого Жота да биде спремен за настап. Натпреварот помеѓу Ливерпул и Болоња се игра вечерва од 21:00 часот.