Од денес во 12 часот Вардар ги пушти во продажба билетите за натпреварите против Мешков Брест и Киелце во Лигата на шампионите.
Вардар оваа сезона не игра како минатата и за тоа не треба да сте експерт за да го забележите. Кил во „Јане Сандански“ се прошета како никој претходно од кога Вардар игра во овој спортски храм. Потоа следуваше и поразот од Веспрем на гостински терен со девет разлика.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Доволно е да ја погледнеме статистиката и јасно станува каде е најголемиот проблем на Вардар – одбраната! Посебно во првото полувреме. Против Веспрем Вардар во првиот дел даде 17 гола и тоа за на гостински терен е одличен учинок, но прими дури 21.
Против Кил „Јане Сандански“ беше полна до последното место се пуштаа и дополнителни билети за стоење, но претходно против Порто сликата не беше таква.
Сега да покажеме дека сме со Вардар и кога не му оди! Нека не бидат тие два порази причина за демотивација, напротив нека бидат причина за уште поголема мотивација. Да му ја дадеме сета поддршка на Вардар и против Мешков (3-ти ноември) и против Киелце (9-ти ноември), да покажеме дека веруваме, да покажеме дека го сакаме и веруваме во момците во црвено-црниот дрес. Само така ќе им вратиме на ракометарите за радоста која ни ја донесоа во претходните три години (во две стигнаа до европската титула, а во останатата играа на фајнл-фор).
Влезниците и за двата натпревари се по редовна цена од 350 и 400 денари и може да се купат од пред билетарата на „Јане Сандански“ (од 10 до 18 часот) и од продажната мрежа на www.ticketplus.mk.