Женската А репрезентација на Македонија утре на домашен терен ја пречекува селекцијата на Летонија, во рамките на претпоследното коло во групата 2 од Лигата Ц, од квалификациите за пласман на Европското првенство кое 2025 година ќе се одржи во Швајцарија.
Нашата репрезентација има императив победа, со која би остварила историски резултат и би го потврдиле второто место во групата кое носи пласман во баражот од квалификаците.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Селекторот Александар Андов и капитенот Наташа Андонова, денеска остварија средба со новинарите спроти утрешниот квалификациски меч против селекцијата на Летонија.
„Како што кажав и на самиот почеток, по моето назначување за селектор на репрезентацијата, реков дека потребно е време за да тргнат работите на подобро, чекор по чекор и со многу труд успеавме да се подобриме на сите полиња, а потврда за тоа се последните позитивни резултати што ги оствари оваа репрезентација. Се наоѓаме пред историски можност, женската репрезентација на Македонија во досегашната историја никогаш не била во можност да се бори за ваков висок пласман. Утре ќе имаме можност да испишеме историја, верувам дека ќе успееме да оствариме победа. Ја немаме на располагање Гентијана Рочи, која со својот квалитет и искуство претставува многу битен член на репрезентација. Но не смееме да зависиме и да се ослониме само на еден човек. Кажав дека сите фудбалерки се битни и утре ќе имаат можност да го докажат тоа.”, изјави селекторот Александар Андов.
„Нормално дека постои притисок пред утрешниот натпревар, но тој е позитивен. Имаме одлична атмосфера во репрезентација и по подолго време повторно сме сите заедно обединети, функционираме како еден тим и размислуваме победнички. Имавме одлични услови во претходниот период и се подготвивме на најдобар можен начин за овој меч. Имавме одличен тренинг камп во Банско и подготвени го дочекуваме утрешниот меч.”, изјави капитенот и нашиот најдобар играч, Наташа Андонова.
Женската фудбалска репрезентација на Македонија, денеска во 19 и 15 часот, на тренинг центарот „Петар Милошевски” ќе го одржи официјалниот тренинг пред утрешниот меч со Летонија.
Дуелот од групата 2 од квалификациите за пласман на ЕП помеѓу Македонија и Летонија ќе се одигра утре со почеток во 19. часот.