Владимир Тркаљанов, носител на престижната награда на Агенцијата за млади и спорт „Спортист на годината“ е исклучен од шаховската репрезентација поради формален проблем.
Тркаљанов во 2020 година потсети на своите најдобри денови, кога неговото учество на Олимпијадата во шах за лица со оштетен вид му донесе награда од светската федерација ФИДЕ за најубава партија на турнирот, а во Македонија беше прогласен за Спортист на годината во соодветната категорија.
Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Сега тој се соочува со како што вели неправда и со отворено писмо се обрати до претстедателот на АМС Наумче Мојсовски и премиерот Зоран Заев.
Неговото обраќање ви го пренесуваме во целост.
– ДО ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ
– ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ НАУМЧЕ МОЈСОСКИ
Почитуван претседател на владата, г. Заев, почитуван директор на АМС, г. Мојсоски Моето име е Владимир Тркаљанов, добитник сум на наградата од АМС за најдобар спортист за 2020 година меѓу лицата со попреченост, која дојде благодарение на моите резултати остварени на шаховската олимпијада за лица со оштетен вид.
Дополнително, на истата Олимпијада ја добив и наградата на Газпром за најдобра партија, со одлука на светската шаховска федерација ФИДЕ. Наназад низ годините имам уште многу успеси зад моето име, меѓу кои и 5. место на Светското првенство за лица со попреченост во 2001 година, по што од АМС добив категоризација на „врвен спортист од светски ранг”.
Во пресрет на „Шаховската олимпијада за луѓе со оштетен вид”, која ќе се одржи во Грција на почетокот на ноември се случува да бидам исклучен од Здружението на лица со инвалидитет во Кочани, градот каде што живеам. Поради тоа, не можам да играм за националниот тим на лица со инвалидитет. Правдата ќе мора да ја барам на суд бидејќи одговорно тврдам дека не постои дело од моја страна со кое сум заслужил да бидам исклучен, и тоа ќе го докажам во посебна постапка – но, не знам кога таа ќе биде процесирана. Принуден сум да ангажирам адвокат и да докажувам дека сум невин, наместо тие во некаква дисциплинска постапка да докажат дека сум виновен! Без да бидам повикан од некој орган на сослушување, донесена е одлука да ме исклучат врз база на „нарушување на угледот на Здружението”.
Како дел од репрезентацијата на Македонија во шах за лица со оштетен вид со години ги бранам боите на државата на најсилната прва табла, а за моите успеси како шахист може да посведочат и врвните Македонски шахисти.
Ви се обраќам Вам, како претставници на РСМ и спортот во земјава поради тоа што мислам дека со овој потег се загрозени државните интереси и судската разрешница ќе биде спора и ќе заврши по натпреварот. Вашиот интерес за случајов може да ми помогне мене, но и на повеќе луѓе како мене кои се жртви на самоволието на раководството на одредени Здруженија кои се финансирани од државата.
Поради мојата попреченост, како и поради поклопувањето на паузата во судството со периодот кога стартуваат подготовките на репрезентацијата за новото првенство, јас во оваа битка не можам сам. Потребно е да се заинтересираат сите надлежни институции. Сметам дека е национален интерес на секое натпреварување да одиме да победиме, а не репрезентацијата да биде отворена за туристи.
Отсекогаш со цело срце сум настапувал за Македонија и многу ме боли неправдата и монтираниот процес со кој сум правно онеспособен да играм повторно, и тоа само една година откако ја добив наградата на АМС. Ве повикувам да ги активирате сите механизми за да може правдата да излезе на виделина и да направите чекор со кој ќе овозможите репрезентацијата на РС Македонија во најсилен состав да настапува на следните европски и светски натпреварувања.