Македонскиот возач Ристо Вуков освои нови бодови во својата кампања, која беше повлијаена од дефект на сопирачките на почетокот од гран при викендот.
– На слободните тренинзи во петокот извозев време 1:36.631 што ми даде пласман на 14 позиција, но распоредот на силите беше таков што првите седум беа во половина секунда, додека втора група од 10 возачи беше во една секунда. Од старт беше јасно дека ќе одлучуваат десетинки и дека и најмало задоцнување може да биде казнето. Во квалификациите „го симнав” времето на 1:35.082 и повторно бев на 14 место, овој пат првите осум беа во четири десетинки, а повторно десет возачи се најдовме во интервал од една секунда. Моето време долго опстојуваше меѓу првите 12 кои возат во втората квалификациска сесија, но „падна” во последните пет минути и не успеав да влезам за само 0,123 секунди. Сепак, големата изедначеност ми даде понаква слика и не очајував бидејќи бев само 0,863 секунди зад пол позицијата. Верував дека можам подобро, бидејќи патеката е куса и лесна за учење. Тоа се покажа на стартот од првата трка кога за само еден круг дојдов до 9 место. Но, тогаш почнаа проблемите со сопирачките. Де факто, првиот извозен круг ми го даде најдоброто време во првата трка и натаму стануваше се полошо, па во средишницата бев престигнат од три возила, но на крајот завршив на 12 место.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Екипата „GDL Racing” се обидела да го отстрани проблемот, но македонскиот пилот открива дека тоа било една непроспиена ноќ на автодромот кој е лоциран 40 километри северно од Рим.
– Едноставно, перформансите при сопирањето не беа на потребното ниво, а немаше видлив дефект. Поради тоа, ги променивме сите делови од системот за сопирање, од шепи и плочки, до дискови и АБС уред. Дополнително, утврдивме дека сме меѓу најбавните според крајната брзина, бидејќи на најдолгиот правец имаме брзина од 230 километри на час, додека конкурентите таму имаа под 240 км/ч. Почувствував дека возилото е подобро од претходно, и повторно успеав да стартувам добро и да се пробијам неколку позиции напред. Сепак, трката беше обележана од трите инциденти кои доведоа до прекини и излегувањето на возилото за безбедност, поради што немаше многу простор за трка. При последното излетување на Лука Мончини беше објавено дека и јас сум под истрага на стјуардите, но веднаш по крајот на трката бев ослободен од секоја одговорност. Моето најбрзо време во првата трка беше 1:36.570 или 1,2 секунди побавно од најбрзите, додека во втората трка имам 1:36.403 и сум само половина секунда побавен од водечките. Искрено, сметав дека во првата сезона сум научил многу, но од денешен аспект знам дека и овие нови искуства ме прават подобар од претходно и уште поцврст за да ја дочекам и зграбам мојата шанса за висок пласман. Лани имавме десет автомобили помалку, но годинава освојувам поени во секој настап, иако мојата желба се подиуми и победи!
Со вкупно 43 бода Вуков се наоѓа на 14 место во генералниот пласман. До крајот на сезоната има уште два гран при викенда, во првиот и последниот викенд од октомври, на патеките Франчакорта и Монца.