Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година, Благоја Милевски, го објави списокот на фудбалери за натпреварот против Австрија.
Во составот има четворица дебитанти во кои Милевски верува дека ќе го зголемат квалитетот на репрезентацијата.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
„Во тимот имаме четворица дебитанти, од кои двајца се голмани, Јанков од Локомотива и Трајчевски од Победа Валандово. Садики се наметна и е стандарден сезонава во Работнички, а Влатко Стојановски дава голови во својот клуб Дугопоље во Хрватска, па оттаму повиците за нив. Јас и стручниот штаб не сме задоволни од голманите на изминатите натпревари, па ќе мора да извлечеме максимум“, истакна Милевски.
„Ова можеби е последна шанса за поголемиот дел повикани репрезентативци. Мораат да покажат дека го заслужуваат дресот на репрезентацијата до 21 година на Македонија. Квалитетот на игра мора да се подигне, ова е опомена за некои од фудбалерите кои се наоѓаат на овој список. Дел од репрезентативците кои се лидери во клубовите очигледно имаат проблем да се наметнат во таа улога во националниот тим и овој момент секако ќе биде тема за анализа во периодот кои следува. Австрија е познат противник, знаеме сè за противникот, но пак ќе потенцирам, важно е ние како ќе изгледаме на терен“, заклучи селекторот.
Натпреварот против Австрија се игра на 14-ти ноември во Скопје, првиот тренинг младите репрезентативци ќе го имаат на 8 ноември во 16:00 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.