Ракометарите на Вардар го совладаа Металург 38:25 (20:13) со што ги решија сите дилеми околу борбата за шампионската титула.
Натпреварот во „Јане Сандански“ требаше да биде дерби, но само ја покажа разликата во квалитетот меѓу двата тима.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Металург беше конкурентен само во првата третина од првиот дел и тоа благодарение на голманот Арсиќ. Тимот од „Автокоманда“ во 11.минута водеше 5:6, момент кога Раул Гонзалес побара тајм аут, по кој Вардар постигна четири, а не прими ниту еден гол за 9:6 во 14.минута.
Од тој момент „црвено-црните“ ја зголемуваа предноста 12:8 во 17.минута, потоа 16:11 во 24.минута, 18:12 во 27.минута, односно 20:13 по првото полувреме.
Вториот дел Вардар го отвори со три гола, со кои прв пат стигна до двоцифрена предност 33:23.
До финишот на натпреварот предноста на Вардар се движеше од осум до десет голови, а во 56.минута по двата гола на Душебаев „црвено-црните“ имаа 12 голови повеќе од противникот 36:24.
Во последниот напад на мечот, Циндриќ ги постави конечните 38:25.
Вардар до триумфот кој му обезбеди нова титула, 11-та во домашниот шампионат, го предводеа Дибиров со осум, односно Карачиќ и Шишкарев со по шест гола, како и голманот Штербик со 15 интервенции.
На спротивната страна најдобар играч беше Арсиќ кој имаше 12 успешни интервенции, додека стрелците ги предводеа Илиќ со седум и Обрадовиќ со шест гола.