Селекторот Игор Ангеловски сигурно е личноста која ја одбележа оваа 2020 година бидејќи е еден од најзаслужните за огромниот успех, пласманот на Македонија на Европско првенство.
Иако тоа до неодамна изгледаше како чудо, сепак Игор Ангеловски од самиот старт веруваше во таквиот успех. Дека е човек со визија и план покажува потегот кој го направи кога дојде на селекторската функција во 2015 година. Самиот лично отпатува во Италија да го убеди Горан Пандев да се врати во репрезентацијата. Тоа беше почетокот на создадавањето на изгледот кој репрезентацијата го има денес.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
„Да, верував во успех уште од самиот старт, се надевав дека Македонија може да се пласира на ЕП и тоа отворено го говорев, знае и целата јавност. И сега повторно ќе кажам, фудбалска Македонија ќе има што да каже и на завршниот турнир“, истакна Ангеловски.
„Кога се има верба, цел, стратегија и кога секој ден посветено ќе се работи за исполнување на целта – тогаш магијата функционира. И веднаш да кажам, дека лесно е да се биде магионичар кога имате огромна магија во тимот. Почнувајќи од капитенот Горан Пандев, па се до последниот член на стручниот штаб, секако вклучувајќи го и целиот систем на Фудбалската федерација на Македонија кој функционираше беспрекорно. За пласман на Европско – потребно е се да функционира европски“, додаде селекторот.
Меѓутоа, во последно време помалку се зборува за успехот кој го направи Ангеловски, бидејќи главна тема е неговиот договор кој истекува на 31-ви декември.
И додека јавноста очекува „архитекотот“ на оваа репрезентација заслужено да добие нов договор, самиот Ангеловски потврди дека е спремен да ги прифати сите услови кои ќе му ги понуди ФФМ.
„Му благодарам на претседателот Сејдини што ме смета за прв избор, мислам дека со постигнатите резултати го заслужив тоа. Сакам да ја информирам јавноста дека сум подготвен да ги прифатам сите понудени услови во форма на договор од страна на ФФМ и истиот да го потпишам. Деталите од договорот сум подготвен да се објават јавно на заедничка прес – конференција затоа што не сакам јавноста да добие погрешен впечаток дека од моја страна ќе бидат поставени некакви услови. Јас секогаш го ставам во преден план националниот интерес пред личниот“, ни изјави Ангеловски.
Со оглед на фактот дека претседателот Сејдини потврди дека Ангеловски е прв избор, после ова јавноста очекува двете страни лесно и брзо да постигнат договор за продолжување на соработката затоа што овој човек заслужува, се друго би било преседан.
Фото: ФФМ
Автор: Петре Кузманоски