Ракометниот клуб “Прилеп” денеска и официјално го потврди своето згаснување. Откако општината се откажа од финансирање на клубот, проблемите почнаа да се трупаат, а играчите да си бараат нова средина. После 6 години од неговото реформирање, клубот кој одново донесе меѓународен ракомет во Прилеп, добива клуч на врата.
Поради вакавата ситуација се огласи и претседателот на клубот Александар Мариноски, кој преку соопштение до медиумите ја опиша состојбата и причините за престанок на клубот.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
“Веруваме дека на голем дел од вас, нашата актуелна состојба ви е позната. Нашите проблеми кои се исклучително од материјална природа, траат практично од почетокот на натпреварувачката сезона 2017/2018. И покрај сите проблеми успеавме да ја засилиме екипата со неколку играчи, а и да ја продолжиме традицијата и да го организираме меморијалниот ракометен турнир “Миле Нешкоски”.
Kако што течеше сезоната така растеа проблемите и обврските спрема правни и физички лица. Спортски и со крајни напори го доигравме есенскиот дел од сезоната, благодарејќи на играчите и стручниот штаб.
Очекувавме и се надевавме дека на паузата меѓу првенствата нешто ќе се промени, дека ќе успееме да обезбедиме повеќе финансии за понатамошно функционирање, но за жал тоа не се случи.
Во меѓу време целиот тим се расформира, играчите си најдоа нови средини, а дел од нив одлучија да завршат со активно играње. До последен момент додека траеше прелазниот рок за играчи останавме активни и очекувавме со неколку засилувања и останатите играчи од младинскиот погон да состаиме конкурентен тим кој ќе успее да ја доигра сезоната и избори опстанок за клубот”, вели Мариноски.
“Имајќи во предвид дека во изминатиот период, не успеавме да го убедиме нашиот генерален спонзор за понатамошна соработка, со жалење ве известуваме дека Ракометен клуб Прилеп се откажува од понатамошно натпреварување во Супер машка ракометна лига.
Јас како претседател на ракометниот клуб Прилеп, заедно со моите соработници сме особено горди на постигнатите резултати во изминативе 6 години од реформирањето на РК Прилеп 2010.
Практично започнавме од нула, немавме никаква опрема реквизити кои се потребни за нормално функционирање, но во нас беше само желбата и љубовта кон ракометот и градот.
Нашата желба Прилеп да има респектабилен клуб во државата ја направивме реалност. Клубот по 2 сезони експресно влезе во Супер лига, каде 2 сезони играше и во плеј-оф завршницата. Ја полневме универзалната сала во Прилеп со меѓусебните дуели со Вардар и Металург.
Потоа изборивме и излезе во евро куповите на ЕХФ. Клубот го поставивме на здрави темели, а тоа се младинските категории со кои се такмичевме во младинските лиги на РФМ, пионери, кадети, младинци, а успеавме и да формираме и групи за почетници”, додава Мариноски.
“Во сите овие години на постоење клубот ангажирапе познати и признати тренерски имиња на ракометот во Р.М, како Орде Илијоски, Боро Чурлески и Томче Петрески, а беа ангажирани и многу странски и домашни играчи како Мојскоски, Димитровски, Шаренац, Турченко, Орјоникидзе и многу други.
Покрај досегашната поддршка на Локалната самоуправа Прилеп – како генерален спонзор, сето ова немаше да биде реализирано без поддршката на фирмите од градот:
Мермерен Комбинат – Прилеп
Витаминка – Прилеп
Конфекција Кули – Прилеп
Матадор – Прилеп
и многу други кои помогнаа во функционирањето на клубот.
Уште еднаш да изразам голема благодарност од мое лично име и од името на стручниот штаб на Р.К. Прилеп до сите наши ракометари и нивните семејства, на сите соработници и помагатели на Р.К. Прилеп, Ракометната Федерација на Македонија како и на верната публика и навивачите на нашиот клуб. Ви благодарам за поддршката и разбирањето”, завршува претседателот на РК “Прилеп” Александар Мариноски.