
Дилеми повеќе нема. Актуелниот тренер на Баер од Леверкузен, Чаби Алонсо ќе биде новиот тренер на Реал Мадрид, додека Карло Анчелоти ќе стане селектор на Бразил.
Овие две бомбастични вести најверојатно ќе бидат официјализирани на почетокот на јуни, но сите релевантни извори пишуваат дека двете зделки се договорени.
Од семејна традиција до модерен бренд ↓↓↓
Значи, Реал од лето започнува нова ера, Анчелоти кој беше синоним за трофеи заминува, а доаѓа човек кој важи за тренер на иднината.
Чаби Алонсо го покажа својот врвен потенцијал во Леверкузен. Минатата сезона му беше како од соништата, ја прекина доминацијата на Баерн која траеше дури 11 години и ја донесе првата титула на Бундеслигата во историјата на тимот од Баер. Оваа сезона сепак ќе остане “кратка” и трофејот речиси сигурно ќе се врати во Минхен.
Освен извонредните резултати, почетокот на неговата тренерска кариера во Германија ги одбележаа извонредните партии на Баер, формација со тројца назад, постојан притисок на противниците по крилата и многу креативна и луцидна игра во напаѓачката фаза.
Реал со Анчелоти беше спротивност од она што го форсира Чаби Алонсо, а поранешниот играч на “кралскиот” клуб сигурно ќе добие слободни раце од Флорентино Перез да ја имплементира својата филозофија во првата сезона.
Според шпанските медиуми Алонсо планира големи промени, особено во средниот ред и во одбраната.
Една од првите работи што ќе ја промени Алонсо е секако формацијата. Треба да го гледаме Реал во системот 3-4-1-2 или евентуално 4-3-3, по потреба.
Системот со тројца назад е нешто сосема ново за Реал и ќе биде многу чудно да се види во таква поставка на теренот.
Наводно, на Алонсо му се ветени и одредени засилувања, а се споменуваат пет имиња.
Тоа се бековите Трент Александар-Арнолд од Ливерпул и Мигел Гутијерез од Жирона, потоа фудбалерите за врска Мартин Зубименти од Реал Сосиедад и Нико Паз кој ќе се врати од позајмица од Комо.
Ќе дојде и еден стопер, во игра се Конате од Ливерпул и Та од Леверкузен, а Алонсо наводно се залага за овој вториот бидејќи тој е негов човек од доверба во Германија. Та од лето станува и слободен играч, така што Реал многу полесно ќе го доведе отколку Конате.
Се покажува дека во Реал повеќе нема да има место за Модриќ, Алаба, Менди, Лукас Васкез, додека уште не е познато што ќе биде со подолгу повредените Карвахал и Милитао.
Потенцијалниот стартен состав на Реал со Алонсо, во формацијата 3-4-1-2 изгледа вака: Куртоа – Асенсио, Ридигер, Та – Александар-Арнолд, Валверде, Зубименти, Гутијерез – Белингем – Ембапе, Винисиус.
Секако, играчи како Родриго, Камавинга, Чуамени, Дани Себаљос и Ендрик ќе имаат шанса да покажат дека се за првиот тим, но Шпанците засега пишуваат дека ова погоре е првата желба на новиот тренер.