
Сагата околу Василие Мициќ заврши. Многу евролигаши покажаа интерес, некои беа доста близу до потпис, но Хапоел Тел Авив е клубот кој ќе го вклучи српскиот плејмејкер во својот тим.
Според познатиот новинар Арис Баркас, некогашниот МВП на Евролигата одлучи да ја прифати понудата на Хапоел, што израелскиот клуб брзо потоа и официјално го потврди.
Вардар сигурен, Шкендија има шанси, Силекс и Работнички тешко! ↓↓↓
Израелскиот тим, кој оваа сезона ќе игра во Евролигата, ќе потпише тригодишен договор со Мициќ.
Според Јурохупс, српскиот плејмејкер ќе заработи 14 милиони евра за три години во Тел Авив. Со тоа тој стана најплатениот кошаркар во натпреварувањето, надминувајќи ја платата на бекот на Панатинаикос, Кендрик Нан, од 13,5 милиони евра.
Мициќ беше поврзуван во овој преоден рок и со Олимпијакос и со Реал Мадрид, но на крајот го одбра израелскиот тим.
По освојувањето на две последователни титули во Евролигата со Ефес, Мициќ мина исто толку сезони во НБА, играјќи за Оклахома Сити, Шарлот и Феникс. Немаше доволно минутажа во САД, а неодамна беше вклучен во неколку размени на играчи.
Откако го договори откупувањето на договорот со Милвоки Бакс, Мициќ стана слободен агент. Ова го направи мета на многу клубови кои го посакуваа играчот што беше најкорисниот воеграч на континенталната елита во 2021 година.
Одигра 101 натпревар во најдобрата лига на светот, со просек од речиси седум поени и четири асистенции по натпревар.
Претходно, Хапоел го претстави и Крис Џонс, Тајлер Енис, Ден Отуру, Илиџа Брајант и Колин Малколм.