
Николче Новески, поранешниот македонски репрезентативец и долгогодишен капитен на германски Мајнц, станува дел од тимот на Фудбалската федерација на Македонија.
Новески е назначен за раководител на скаутинг службата, со задача да ја координира и развива стратегијата за следење и идентификување на млади таленти со македонско потекло ширум Европа и светот. Оваа активност е дел од новите приоритети на ФФМ, со цел да се прошири базата на фудбалери за сите национални селекции и да се отвори уште поголем простор за иднината на македонскиот репрезентативен фудбал.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Николче Новески кој има 64 настапи за македонската репрезентација ќе работи во координација со Горан Пандев, Ѓорги Христов и Агим Ибраими во насока на следење на фудбалерите, како и организирање на тест натпревари надвор од Македонија, каде младите ќе имаат можност да се докажат.
„Среќен сум што станувам дел од тимот на ФФМ и што ќе имам можност да придонесам за развојот на македонскиот фудбал. Верувам дека со моето искуство и долгогодишна кариера во Бундеслигата, заедно со тимот во Федерацијата, ќе изградиме силен систем на скаутинг кој ќе овозможи секој талентиран фудбалер со македонско потекло да добие шанса да се докаже. Нашата цел е да создадеме услови за напредок и за уште посилни национални селекции во иднина“.
„Николче Новески е име кое со својот карактер и настапи е запаметен во Македонија и во германската Бундеслигата. Задоволство е што ваков професионалец прифати да биде дел од нашиот тим, заедно со Пандев, Христов и Ибраими. Верувам дека со неговото искуство, авторитет и познавања ќе изградиме систем кој ќе донесе нови имиња во нашите селекции. Нашата мисија е јасна, ниеден фудбалски талент со македонско потекло да не остане незабележан. Ова е силен чекор напред во модернизацијата и професионализацијата на нашата работа“, изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.