
Трофејниот италијански тренер Карло Анчелоти преку ноќ стана главна тема во бразилскиот фудбал како главен кандидат за селектор на разочараната репрезентација на петократниот светски шампион, откако дебаклот од Аргентина во квалификациите за Мундијалот го забрза раскинувањето со Доривал Жуниор.
Јасно беше на сите во Бразил уште по елиминацијата во четвртфиналето на минатогодишната Копа Америка дека актуелниот селектор нема да го дочека следниот Мундијал, но неуспехот на “Монументал” го отстрани и најмалиот сомнеж дека “Кариоките” треба што поскоро да се обратат кон Анчелоти.
Анде Јанков - автор на крими романи: Блискоста на реалноста и фикцијата! ↓↓↓
Иако Бразил доживеа дебакл против “Гаучосите”, задржа добри шанси за Мундијалот бидејќи на четири кола пред крајот на квалификациите има шест бодови предност во однос на првиот тим “под цртата” за директен пласман.
До крајот на квалификациите (натпревари во јуни и септември) Бразилците имаат релативно поволен распоред, но јасно е дека на Мундијалот им се заканува неуспех ако не преземат радикални мерки.
Прашањето за селекторот станува сè пожешка тема во Бразил, а по дебаклот во Буенос Ајрес јасно е дека со Дирвал Жуниор нема иднина.
Првата желба без дилема е Анчелоти, но Италијанецот има договор со Реал до летото 2026 година и претстојните месеци ќе дадат одговор на прашањето дали трофејниот стручњак ќе го напушти Мадрид на крајот на сезоната.
Јасно е дека сè зависи од резултатите на Реал на крајот од тековната сезона. Тоа пред сè се мисли на освојување на домашното првенство и Лигата на шампионите, што е приоритет од највисок ранг за најдобриот европски клуб.
Во случај Анчелоти повторно да оствари успешна сезона, постои голема веројатност дека и од лето ќе остане во Реал, додека евентуалните неуспеси значително би ги зголемиле шансите на Бразил да добие селектор што одговара на нивните амбиции.
Бразил во овој век не е сенка од репрезентацијата со најмногу светски титули бидејќи последен пат беше планетарен шампион во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја.
После тоа, двапати запираа во четвртфинале, а највисок дострел им беше четвртото место пред 11 години на домашен терен.