
Јаник Синер не игра над два месеца поради суспензија, ќе се врати на терен за три недели, но сепак останува неприкосновен на број 1. Неговите најголеми ривали, Карлос Алкараз и Александар Зверев, не го искористија неговото отсуство за сериозно да го загрозат, па Италијанецот се пробива кон еден интересен рекорд.
Синер вчера стана тенисер со петта најдолга серија на недели на врвот од дебито. Има 45 недели. Рекордер е Роџер Федерер со 237, па следат Лејтон Хјуит 75, Новак Ѓоковиќ 53, Рафаел Надал 46, Синер 45…
Disc Golf challenge: Дали некој ќе погоди од прва!? ↓↓↓
Овој рекорд е интересен бидејќи покажува колку психолошки силен е некој тенисер, бидејќи не е лесно да се остане на врвот долго откако првпат стануваш најдобар во светот. Притисокот е огромен. Секако, како што гледаме, не е од пресудно значење за големината на некој ас, бидејќи Хјуит е втор по тој број, пред и Ѓоковиќ и Надал, но е далеку зад нив по вкупните достигнувања.
Австралијанецот одлично го искористи периодот помеѓу две големи доминации, онаа кога Пит Сампрас освои 14 грен слем титули, и онаа кога големата тројка избриша сѐ пред себе. Таа пауза траеше неколку години, Хјуит освои два грен слема и беше повеќе од година дена број 1. Потоа дојде Федерер и го испрати во втор план.
Синер одлично го започна своето владеењe, освои три најголеми пехари од почетокот на 2024, летово се искачи на врвот на светската листа и не попушта. Неговата предност над второпласираниот Алкараз е околу 2.200 поени, така што Шпанецот не може да го надмине во следните три недели, дури и ако ги освои титулите во Барселона и Мадрид, па Синер ќе го надмине Надал.

До Ѓоковиќ има подолг период, но ако пристигне на Ролан Гарос како број 1, потоа ќе му биде малку полесно да остане бидејќи Алкараз ќе брани титула во Париз, а подоцна и на Вимблдон.
Синер оваа недела доби зелено светло дека може да се врати на тренинзи со тенис тренери и дека своето работење повторно може да го спроведува каде и да посака, дури и на турнири, иако нема да може да игра. Досега можеше да работи само со кондициони стручњаци, и тоа во приватни клубови.
🇮🇹 1️⃣ Jannik #Sinner si potrà allenare normalmente, senza alcuna limitazione, a partire da OGGI 💪 pic.twitter.com/EsncKCfiKh
— Luca Fiorino (@FiorinoLuca) April 13, 2025
Неговото враќање на турнирите е закажано за почетокот на мај и мастерсот во Рим. Секако, не треба да се очекува да заигра веднаш како пред суспензијата, поради тримесечна пауза, и бидејќи земјената подлога не е негова најдобра. Од 19 титули, само една, и тоа на незначаен турнир во Умаг, ја освои на најбавните игралишта.
Затоа треба да се очекува дека Италијанецот првите турнири ќе ги искористи за враќање во форма, па од Вимблдон, а особено кога тенисот ќе се врати на бетон, повторно да биде во шампионска форма.
Фото: АTP Tour