
Реал Мадрид наскоро ќе се соочи со судски процес поради концерти одржани на стадионот Сантијаго Бернабеу, откако судијата Моника Агире де ла Куеста одлучи да покрене постапка после една и пол година истрага. Во одлуката се наведува можност за кривично дело предизвикано од бучавата од компанијата „Реал Мадрид Естадио“.
Енрике Мартинез, портпарол и претседател на здружението на жители погодени од бучавата кај Бернабеу, изјави дека „не се горди што го изведоа Реал Мадрид пред суд“. Иако веќе со децении е навивач и член на клубот, Мартинез нагласува дека проблемот не се однесува на самиот клуб. „Станува збор за несреќна одлука од страна на Флорентино Перез со воведувањето на овој бизнис модел, игнорирајќи го правото на граѓаните на одмор и здравје, што не смее да се загрозува“, објасни тој.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Жителите повеќе од една и пол година се борат против бучавата што се создава од концертите. „Кога велевме дека оваа ситуација е варварска, дека границите на бучавата се сериозно прекорачени, нѐ нарекуваа мрзливи и стари луѓе кои не знаат како да го исполнат времето. На крајот, сфатија дека ова е сериозно“, подвлече Мартинез.
Според Уредбата за заштита од акустично и топлинско загадување на Градската куќа на Мадрид, максималното дозволено ниво на бучава во зоната на стадионот Сантијаго Бернабеу е 63 децибели за време на денот и вечерта и 53 децибели ноќе, во периодот од 23:00 до 07:00 часот. Жителите претходно објавуваа видеа, како на пример од концертот на Тејлор Свифт, кои покажуваат ниво на бучава многу над дозволените граници.
Поради овие проблеми, основано е здружение наречено „Здружение на оштетените од Бернабеу“, кое се опишува како „група луѓе посветени на заштита на нашите права и квалитет на животот како граѓани, соочени со негативните влијанија од проектот за реновирање на стадионот Сантијаго Бернабеу и неговата трансформација во мегаторговски и забавен центар“.