Бразилскиот фудбалер Ендрик (18) летово официјално му се приклучи на Реал Мадрид по трансферот од Палмеирас вреден 47,5 милиони евра.
Младиот напаѓач во досегашниот дел од сезоната за актуелниот европски клупски шампион собра само 122 минути во сите натпреварувања и за тоа ограничено време успеа да постигне два гола.
Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Тој го постигна првиот гол на неговото официјално деби за клубот, во победата од 3:0 против Реал Ваљадолид во второто коло од Ла Лига, додека вториот дојде на своето деби во Лигата на шампионите.
Тоа беше гол за потврда на славјето од 3:1 против Штутгарт. Двата гола ги постигна во самиот финиш на натпреварот, во 94. и 95. минута.
Недостатокот на минутажа може да доведе до тоа вториот дел од сезоната да го мине на позајмица, а британски Сан го поврзува со англискиот Саутемптон, кој моментално се наоѓа на последното, 20. место во Премиер лигата.
Во изминатите 11 кола постигнаа само седум гола и освоија само четири бода, па дефинитивно во зимскиот преоден рок ќе мора да тргнат по засилувања.
Од натпреварот со Штутгарт кој се одигра на 17 септември, Ендрик не се запиша во листата на стрелците, ниту пак асистираше. Моментално очекувано не може да се наметне во силниот напад на Реал Мадрид предводен од Винисиус Жуниор, Килијан Мбапе и Родриго, па позајмица не мора да биде лоша работа за бразилскиот талент.