
Раководството на Астон Вила изрази незадоволство од одлуката на Премиер лигата да го помести натпреварот против Тотенхем два дена порано, за да му се овозможи на лондонскиот клуб повеќе време за подготовка на евентуалното финале во Лига Европа.
Натпреварот првично беше закажан за недела, 18 мај, но сега ќе се игра во петок, 16 мај, пет дена пред финалето на Лига Европа кое ќе се одржи во Билбао, Шпанија.
Учиме по најтешкиот пат: Со едукација за заштита и спасување до спречување на трагедии! ↓↓↓
#related-news_0
Тотенхем го победи Бодо/Глимт со 3:1 во првиот меч од полуфиналето, додека реваншот е закажан за четврток во Норвешка.
Новото време на натпреварот остава на Астон Вила, која се бори за пласман во Лигата на шампионите, два дена помалку за подготовка. Исто така, ѝ дава на Тотенхем можност да изведе посилен состав, бидејќи ќе има повеќе време за опоравување во случај на пласман во европското финале.
Промената на терминот негативно влијае и на патните и логистичките планови на навивачите на Астон Вила. Претседателот на фудбалските операции на Астон Вила, Мончи, се огласи на социјалната мрежа X наведувајќи дека „тоа не беше посакувана одлука“, но дека претставуваше „најмалку штетна алтернатива“.
„Нашите навивачи не го заслужија ова, но направивме сè што можевме за да го зачуваме она што ни е најважно: Вас и нашиот тим,“ напиша Мончи.
Директорот на фудбалските операции на клубот, Дамјан Видагани, отиде чекор понапред, наведувајќи во подолг пост дека постои „јасна пристрасност“ против навивачите на Астон Вила и истакнувајќи дека клубот „не почувствувал ваква поддршка“ за време на нивните претходни настапи во Европа — минатата сезона во Конференциската лига и оваа сезона во Лигата на шампионите.
„Европскиот фудбал не е напорен само за англиските клубови кои се на чекор од финалето,“ напиша Видагани.
Астон Вила моментално се наоѓа на седмото место во Премиер лигата и води борба со уште пет клуба за преостанатите четири места кои водат во Лигата на шампионите. Ливерпул, кој веќе ја осигура титулата, има загарантиран пласман.
Фото: Tottenham Hotspur/FB