Хрватскиот ватерполо сојуз (HVS) го извести Ватерполо и пливачкиот сојуз на Црна Гора (VPSCG) дека хрватската репрезентација нема да игра натпревари од Суперфиналето на Светскиот куп во которскиот базен именуван по некогашен ватерполист, но и воен злосторник Зоран Џими Гопчевиќ.
Црна Гора ќе биде домаќин на Суперфиналето на Светскиот куп во Котор и Будва од 11 до 13 април, на кое ќе учествуваат најдобрите осум светски селекции, а во четвртфиналето се среќаваат Хрватска и Црна Гора.
Викендов најинтересно во Серија А и на СП во ракомет ↓↓↓
Натпреварот било планирано да се одигра во Котор на базенот „Зоран Џими Гопчевиќ“, но Хрватите тоа го одбија.
„Со ова ве известуваме дека HVS ќе се држи до препораките на Владата на Република Хрватска во кои јасно стои дека клубовите и репрезентациите не играат во базенот во Котор. Затоа ве молиме спорното прашање за името на базенот во Котор да се реши на ниво на двете држави“, стои во писмото на HVS испратено до VPSCG.
Хрватските власти веќе им забранија на хрватските клубови да играат во базенот кој го носи името на личност обвинета за воени злосторства во логорот Морињ.
Имено, Собранието на Општина Котор во август 2021 година реши градскиот базен, кој дотогаш се нарекуваше „Никша Буќин“ по антифашист убиен во борба со четниците во 1944 година, да се преименува во „Зоран Џими Гопчевиќ“, со образложение дека станува збор за еден од најдобрите ватерполисти на овие простори.
Министерството за надворешни и европски работи (MVEP) на Хрватска ја осуди таа одлука бидејќи Гопчевиќ беше чувар на злогласниот логор Морињ во 1991 година каде беа носени мажи со хрватско потекло од дубровничкиот крај.
„Зоран Гопчевиќ, спортист, тренер и спортски работник, има блескава биографија и сигурни сме дека никој од Бока не може да има поинаков став по тоа прашање. Причината за нашата реакција не е поврзана со спортската кариера на Гопчевиќ, туку со неговата улога како командант на стражата во логорот Морињ во 1991 година“, порачаа хрватските политичари.
„Во случај да одлучите сепак да ја организирате завршницата на Светскиот куп во Котор, нашата репрезентација ќе го откаже настапот, дури и по цена на санкции од страна на Свестката вода. Веруваме дека тоа никому не би му одговарало и би ја загрозило соработката на двата сојуза, како и одигрувањето на регионалната лига“, се додава во соопштението на HVS.
За сега сè уште нема донесена официјална одлука, но речиси е сигурно дека Црногорците ќе ги угостат Хрватите во Будва и дека Хрватска евентуално полуфиналето и финалето ќе ги игра во тој град.
Покрај Црна Гора и Хрватска, во Суперфиналето учествуваат Шпанија, Унгарија, Грција, Јапонија, Холандија и Германија.