Тони Атанасов (прв тренер) и Панче Стојанов (помошник) од Струмица ќе го предводат првиот тим на Брера Струмица за пролетниот дел од првенството. Атанасов ќе биде прв тренер додека Стојанов негов помошник.
Ова е одлуката на Управата на клубот откако спогодбено ја раскинавме соработката со Горазд Михаилов кој ги водеше сениорите во есенскиот дел. Атанасов и Стојанов со Дарко Коцев како кондиционен тренер и Ѓорги Шопов како тренер на голманите ќе го предводат тимот низ подготвителниот период како и за пролетниот дел од првенството.
Колку може подмладената Македонија на Лазаров на СП!? ↓↓↓
Тони Атанасов и Панче Стојанов се добро познати на струмичката јавност. Оставија печат како фудбалери но и со работата во младинските погони на Академија Пандев а сега Брера Струмица. Со својот професионален пристап ќе се обидат да извлечат максимум од првиот тим кој есенскиот дел го заврши на осмата позиција.
Подготвките ги започнуваме утре сабота и до стартот на вториот дел од првенството ќе работиме на подигнување на физичката кондиција но и на техничко тактички план. Според планот ќе се работи секојдневно а планирани се и неколку контролни средби со кои ќе се подигне нивото на екипата за првенствените и куп мечевите напролет. Паралелно како клуб работиме и на ангажирање фудбалери кои заедно со потенцијалот што го поседуваме ќе го носат товарот во преостаниот дел од првенството.