
Фудбалската федерација на Македонија денеска одржа седница на Управниот одбор, на која беа донесени неколку значајни одлуки поврзани со судиските структури и националните селекции, како и со регулативите за новата натпреварувачка сезона.
Најзначајната кадровска промена се однесува на враќањето на поранешниот интернационален судија Емил Божиновски на позицијата претседател на Судискиот одбор. Тој повторно ја презема оваа функција на местото на Александар Ставрев. Во исто време, Јосип Бартон ќе биде нов член на Судискиот одбор, каде ќе го замени Дејан Костадинов.
Вардар, Работнички, Силекс, Шкендија – Кој ќе блесне во Европа!? ↓↓↓
Божиновски е едно од најпознатите имиња во македонското судење. Со долгогодишна кариера зад себе, судел натпревари во Лигата на шампионите, Лига Европа и во квалификациите за големите репрезентативни натпреварувања. По завршувањето на активната судиска кариера, тој продолжи како контролор на судење во рамки на УЕФА и ФИФА, а претходно беше и претседател на Судиската комисија во ФФМ, каде имаше клучна улога во развојот на судиите и воведувањето на современи технологии во судиската пракса.
На седницата беше именуван и нов селектор на младата репрезентација до 20 години. Александар Таневски, кој во изминатата сезона во еден период ја водеше Беса, доби доверба од ФФМ да го предводи овој национален тим.
Управниот одбор на ФФМ, покрај кадровските решенија, ги усвои и пропозициите за натпреварување во Првата, Втората и Третата македонска фудбалска лига за сезоната 2025/26. Усвоени се и правилата за Купот во сениорска конкуренција, како и измените и дополнувањата на два важни правилника – оној за натпреварување и правилникот за регистрација, статус и трансфер на фудбалери.
Седницата на УО потврди дека македонскиот фудбал влегува во нова сезона со јасна визија и одлучност за организациски и кадровски напредок.