
Македонската фудбалска репрезентација ја очекува клучниот предизвик во четврток – бараж дуелот против Данска во Копенхаген, а селекцијата ќе биде засилена со напаѓачот на Сиетл Саундерс, Дени Мусовски.
Иако неговото име се споменуваше уште пред Европското првенство во 2020 година, Мусовски тогаш не се приклучи на националниот тим. Во разговор за „Флешскор“, тој појасни дека причината не била недостаток на желба, туку несреќни околности и недоразбирање со тогашниот селектор Игор Ангеловски.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Напаѓачот истакна дека во тој период бил фокусиран на настапите во МЛС лигата, каде што со својот клуб играл плеј-оф натпревари и имал значајна улога во тимот. Повикот за пријателски меч дошол во незгоден момент, што, според него, било погрешно сфатено.
„Никогаш не станувало збор за тоа дека не сакам да играм за Македонија. Напротив, тоа за мене е чест и привилегија. Секој фудбалер сонува за настап на Светско првенство, тоа е врвот во кариерата“, потенцираше Мусовски.
Во пресрет на дуелот со Данска, тој испрати оптимистичка порака, нагласувајќи дека Македонија патува со јасна цел – победа. Свесен е за квалитетот на противникот, но верува дека со вистински пристап и добра игра, „црвено-жолтите“ можат да стигнат до посакуваниот резултат и да останат во трката за мундијалски пласман.
Доколку Македонија успее да ја мине Данска, во финалето од баражот би се соочила со победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска. Интересно, Мусовски како потенцијален противник ја посочи Ирска, што дополнително ја подгрева атмосферата пред решавачките натпревари.