
Македонската фудбалска репрезентација утре ќе одигра пријателски натпревар против Летонија, а сите љубители на фудбалот ќе можат бесплатно да го проследат дуелот од трибините. Селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференција откри дека тимот се соочува со одредени кадровски проблеми поради повреди на неколку фудбалери.
„Сè уште не знам дали денеска ќе тренираат сите, ќе имаме појасна слика после тренингот. Сигурно е дека Атанасов и Муслиу нема да конкурираат за утрешниот меч, се надевам дека сите останати ќе бидат подготвени. Против Летонија нема да се штедиме бидејќи имаме пет дена одмор до мечот со Велс. Кога игра Македонија нема простор за штедење и калкулација, сите кои ќе играат ќе го дадат максимумот и ќе се обидеме да извлечеме колку што е можно повеќе и на физички и на тактички план. Има работи кои сакам да ги видам утре, пример како стоиме на физички план, сакам да видам на кое ниво сме, резултатот ќе биде важен“, изјави Милевски.
Данска vs. Македонија: Како тие се справуваат со отпадот, додека ние се расправаме кој е крив?
Пријателскиот дуел со Летонија ќе биде воедно и последна проверка за „црвено-жолтите“ пред решавачкиот натпревар во квалификациите против Велс, во кој Македонија ќе се обиде да го осигура второто место во групата и подобра позиција во баражот.
„Секогаш акцент, барем во мојот начин на функционирање, е ставен на тимот и така ќе биде додека јас сум селектор. Мора да функционираме сите на одредено ниво за да бидеме конкурентни со вакви противници во вакви калификации. Играме со сериозни ривали и немате право да сте некаде подобри, а некаде послаби. Мора да сте на највисоко ниво во секој сегмент. Македонија покажа дека има квалитет, дека сме константни и тоа најмногу ме радува. Немаме осцилации во играта и тоа е правецот во кој треба да се движи Македонија и во иднина“, додаде Милевски.