
Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Дејан Манасков, кој оваа сезона игра во одлична форма, одлучи да го одбие повикот од селекторот Кире Лазаров за настап во националниот тим. Иако се најде на списокот на репрезентативци за претстојните натпревари, искусното крило нема повторно да го облече дресот со државниот грб.
Манасков преку кратко соопштение до јавноста објасни дека нема да се врати во репрезентацијата и ја образложи својата одлука.
Ќе го решиме проблемот со отпадот ако го гледаме како ресурс, а не како ѓубре! | Уште еден поткаст
„Би сакал да ја информирам целата македонска јавност и сите медиуми дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Ќе бидам искрен и краток во моето обраќање и објаснување на одлуката.
Во изминатите единаесет години колку што настапував за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светиот дрес. Се борев и настапував секогаш со цело срце.
Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев неповикуван. После се што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука.
Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниов период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач.
До некое следно видување Македонијо“, напиша Дејан Манасков.
Со ова, 31-годишниот ракометар стави точка на можноста за негово враќање под државниот грб, барем засега, иако многумина очекуваа повторно да го видат во националниот состав.