
Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс, изминатата ноќ по 22-ри пат последователно беше избран за ол-стар на Американската професионална кошаркарска лига (НБА).
Џејмс (41) по 22-ри пат во својата кариера е прогласен за член на ол-стар тимот од НБА лигата, но ова е првпат да биде избран како резервист, а не како стартер.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Овој четирикратен најкорисен играч (MVP) во НБА лигата е рекордер во бројот на избори за ол-стар, како вкупно, така и последователно во истото натпреварување.
Покрај Џејмс, тренерите на НБА клубовите ги избраа за ол-стар резервисти од Западната конференција и Џамал Мареј (Денвер), Кевин Дурент (Хјустон), Ентони Едвардс (Минесота), Девин Букер (Финикс), Дени Авдија (Портланд) и Чет Холмгрен (Оклахома).
Од Источната конференција за ол-стар резервисти се избрани Скотие Барнс (Торонто), Донован Мичел (Кливленд), Карл-Ентони Таунс (Њујорк), Паскал Сијакам (Индијана), Џејлен Џонсон (Атланта), Џејлен Дурен (Детроит) и Норман Пауел (Мајами).
Стартерите од Западната конференција претходно беа избрани од навивачите, играчите и новинарите: српскиот центар Никола Јокиќ (Денвер), Лука Дончиќ (Лос Анџелес Лејкерс), Шеј Гилџес-Александер (Оклахома), Стефан Кари (Голден Стејт) и Виктор Вембанјама (Сан Антонио).
Стартерите од Источната конференција се Јанис Адетокумбо (Милвоки), Џејлен Брансон (Њујорк), Џејлен Браун (Бостон), Кејд Канингхам (Детроит) и Тајрис Мекси (Филаделфија).
Наместо традиционалната ол-стар утакмица, и оваа сезона ќе се одржи ол-стар турнир, но со поинаков формат. Играчите ќе бидат поделени во три екипи: две составени од американски играчи и една со играчи од остатокот на светот. Во секоја екипа ќе има минимално осум играчи.
Турнирот ќе се одвива по системот “раунд робин” (секој со секого), по што двете тима со најдобар скор ќе играат во финале. Натпреварите ќе траат по 12 минути.
Ол-стар турнирот ќе се одржи на 15-ти февруари во градот Инглвуд, во американската држава Калифорнија.