Многу брзо по завршувањето на Светското ракометно првенство, фокусот на Ракометната федерација на Македонија ќе биде насочен кон нешто друго – Избор на нов претседател на РФМ!
Завршува мандатот на Живко Мукаетов кој го искористи законскиот максимум од два последователни мандати. Веќе не може да се кандидира за нов мандат на РФМ и според неофицијални информации тој е сериозен во намерата, да го преземе раководењето на МОК. Затоа јасно е дека македонскиот ракомет во Февруари ќе добие нов предводник.
Барса на тежок испит, дерби и во Англија! ↓↓↓
Едно име се издвојува во спортските кулоари како најсериозен кандидат за следен предводник на македонскиот ракомет – Александар Стефанов. Неговото име беше споменувано и во минатото како потенцијален наследник на Мукаетов, но сега тие шпекулации добиваат на тежина, особено што во изминативе неколку години тој често беше главен претставник на РФМ на важни настани. Така во 2022 година неочекувано го замени Мукаетов и беше претставник на РФМ на состанокот во Љубљана на трите федерации домаќини на ЕП 2022 во женска конкуренција, во друштво со претседателите на Ракометните сојузи на Словенија и Црена Гора, како и на првиот човек на ЕХФ.
Оттаму, јасно е дека Стефанов ја има довербата од сегашната структура, која пак ги постави темелите на “модерната доба” во федерацијата која е една од најуспешните и најорганизираните спортски федерации во Македонија.
Кој е Александар Стефанов?
Александар Стефанов е поранешен ракометар и сегашен главен спонзор на ракометниот суперлигаш Бутел Скопје, преку компанијата Фабрика Карпош а.д. Скопје каде е член на Управениот одбор. Дипломиран правник и основач на адвокатска канцеларија Стефанов. Во исто време е и член во Надзорниот одбор во Градежен Институт Македонија (ГИМ).
По преземањето на РК Бутел, клубот успеа експресно да влезе во елитното ракометно друштво во Македонија, играше во Европските купови и постојано е при врвот на Суперлигата.
Станува збор за сопственик на неколку бизниси и етаблиран менаџер ( со знаење во два правци – спорт и менаџирање ) од калиброт на Мукаетов и очигледно ја има најголемата поддршка за претседателската функција. Освен тоа, јасно е дека Стефанов има желба, знаење и стратегија да го развива македонскиот ракомет.
Би требало да има “вистински” избори во РФМ
За разлика од предходните изборни собранија кога Мукаетов беше избран без противкандидат, сега веројатно ќе следиме класично гласање. Во 2013 година, Мукаетов како единствен кандидат го наследи Михајло Михајловски. На следните реизбори, Мукаетов повторно немаше противкандидат, ниту во 2017, ниту во 2021.
Се споменуваат уште неколку потенцијални кандидати, меѓу кои и имињата на поранешниот македонски репрезнетативец Горан Ѓоргоновски и Драган Начевски. Сепак, Начевски беше ослободен од своите должности во ЕХФ, по објавата на данската телевизија ТВ2 дека тој бил вклучен во разговор со наводен кинески бизнисмен. Во овој сет-ап беше допрена темата за местење натпревари. Иако Начевски ја одби понудата, тој не го пријави пристапот до надлежните органи во ЕХФ. Тоа е причината поради која Начевски не би ја имал поддршката од ЕХФ при негова кандидатура. Затоа, Стефанов кој беше директно вклучен во дел од големите проекти на федерацијата, останува како најголем фаворит за преземање на раководната позиција во РФМ.
Останува да видиме кој прв ќе ја официјализира кандидатурата, а тоа може да го очекуваме во најбрзо можно време, дури и во деновите кои следат.
Инаку, за да биде некој кандидат, мора да биде член на Собранието, односно да биде претставник на клуб, или на некое Здружение кое е претставено во Собранието.