По вчерашното соопштение на КК Работнички во кое го поставија прашањето зошто инспекцијата во салата се случила по 13 кола, денеска од КФСМ испратија одговор од клубот од Градски Парк.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме соопштението на Работнички:
Викендов најинтересно во Серија А и на СП во ракомет ↓↓↓
Кошаркарската Федерација смета дека е редно време јавноста да биде информирана за неодамнешните случувања во кошарката, за кои на иницијатива за заштита на поединци и групи инволвирани, КФСМ е приморана да разработи одредени теми во јавниот простор.
Пред почетокот на натпреварувачката сезона 2024/2025, раководството на Кошаркарската Федерација одржа низа на состаноци со претставниците на клубовите од Првата лига мажи, на која им се стави до знаење дека КФСМ секогаш ќе стои зад нив и дека има комплетно разбирање во поглед на финансиските предизвици со кои се соочуваат, особено долгувањата кон Федерацијата, по неколку различни основи.
Прво, Кошаркарската Федерација упатува јавно барање до ‘Управата на КК Работнички’ да се самоидентификува и обелодени пред кошаркарската јавност која тоа го заслужува, со која ќе може да разговараме за понатамошниот тек на првенството.
Дали е тоа Горан Веселиновски, со кој имавме одлично разбирање пред почетокот на сезоната и со кого беа договорени сите детали во врска со исполнувањето на обврските на клубот кон Федерацијата?
Дали е тоа Господинот Бислимовски кој присуствуваше на состанок пред почеток на сезоната заедно со Горан Веселиновски и беше претставен како иден Претседател на клубот кој треба да биде официјализиран на седница на клупскиот Управен Одбор во најскор можен рок? До ден денес, согласно информациите со кои располагаме, таа точка не е ставена на дневен ред на Управниот Одбор на КК Работнички.
Дали е тоа лицето Иво Гајиќ кој првпат се појавува во очите на кошаркарската јавност и тоа со полномошно од КК Работнички на редовното годишно Собрание на КФСМ, одржано на 18. Декември 2024 година пак?
Дали е тоа лицето Бранко Радевски кој беше присутен како претставник на клубот на последниот одржан состанок со прволигашите пред само неколку дена во просториите на КФСМ? Лице кое се согласи со забелешките на Федерацијата без дополнителни прашања или барања.
На состанокот одржан пред почетокот на сезоната, меѓу другото, се зборуваше и за разбирањето од страна на Федерацијата за финансиската криза со која се соочуваат клубовите, особено во период кога останаа без субвенциите од (тогашната) Агенција за млади и спорт во вид на Ваучер односно финансиски средства на кои голем дел од клубовите се потпираат за основно функционирање.
Раководството на КФСМ, заедно со клубовите дојде до заклучок дека ќе има толеранција и комплетно разбирање за целосно исполнување на условите за игра, сè до исплата на најавените субвенции од Министерството за спорт кои сите клубови ги очекуваа до крајот на календарска 2024 година.
Клубовите беа согласни дека по исплата на државните субвенции ќе бидат подмирени сите долгувања кон Федерацијата и дека комплетно ќе бидат исполнети барањата за организација за натпревар согласно актите на Федерацијата.
Потоа, беше направен и нов договор со КК Работнички со репрограмирање на долгот за користење на спортските капацитети кои ги нуди СРЦ Кале 1, салата на Кошаркарската Федерација, а направен во изминатите години. Од тој договор, во кој се вели дека клубот ќе го подмирува својот стар долг на рати како и дека навремено ќе ги плаќа новите, не е реализирано ништо. Долг кој веќе надмина 2.000.000 денари. Долг кој клубот не му го должи на Перо Антиќ туку на Кошаркарската Федерација!
Од јавно достапни информации, согледуваме дека Кошаркарски Клуб Работнички АД Скопје, добил финансиски стимул од 4.500.000 денари од страна на Општина Центар, 8.318.080 и 3.500.000 од страна на Министерството за Спорт во периодот од крај на месец октомври 2024 година до крајот на декември 2024 година односно за нешто повеќе од два месеца. И покрај финансиската помош во висина од 16.3 милиони денари, КК Работнички ден денес (17. Јануари, 2024 година) има долг во висина од 2.503.645 денари кон КФСМ. 2.084.000 од нив се само за СРЦ Кале.
Ја прашуваме, за нас мистериозната ‘Управа на КК Работнички’, зошто клубот по последната опомена за неподмирен долг за кој на неколку наврати беше разговарано на кој начин ќе биде реализиран, едноставно реши да си го собере личниот инвентар во салата и да ја напушти СРЦ Кале, без никакво објаснување или најава на истото?
Од неофицијални извори дознаваме дека било кажано дека клубот нема никакви намери да плати ништо од долгот кон СРЦ Кале.
Воедно, сакаме да ја потсетиме ‘Управата на КК Работнички’, во каков состав и да делува, за Управниот Одбор на КФСМ, одржан по електронски пат на 24. Септември 2024 година, на кој беа доставени Пропозициите за натпреварување за сезона 2024/2025 за сениорски лиги и Правилникот за натпреварување за сезона 2024/2025 за сениорски лиги. Пропозициите и Правилникот ги изработува Комесарот за натпреварување, а ги усвојуваат членовите на Управниот Одбор. Нив ниту може ниту има потреба да ги менува Претседателот на Кошаркарската Федерација – Перо Антиќ.
Сакаме да ја прашаме ‘Управата на КК Работнички’ што е злоупотребено во поглед на почитување на правилата и пропозициите по кои се одржува првенството и кој дел од нив НЕ треба да биде имплементиран? Дали можеби треба да се толерира пониска температура од дозволеното? Или пак димензиите на теренот за игра и просторот околу него треба да се мери со некои посебни мерни средства? Семафорите и звучните сигнали не ни се потребни, нели?
Ја потсетуваме “Управата на КК Работнички“ дека во неколку наврати се согласи за ЦЕЛОСНО почитување и имплементирање на актите на Федерацијата, а не селективно како што нив им одговара во одредени периоди.
Исто така, никако не смее и да се занемари фактот дека раководството на Федерацијата успеа да најде спонзор за клубовите од Првата лига мажи со чија финансиска поддршка клубовите се ослободени од котизацијата за учество во лигата. Со тоа, клубовите немаат финансиски обврски за учество во лигата.
Време е сите инволвирани да преземат одговорност за своите неуспеси и да престанат да се кријат зад псевдоними. Време е “Управата“ да се запраша зошто сите кошаркарски легенди (Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски, Тони СИмиќ се само дел од нив) и стабилни спонзори го најавија своето заминување од клубот и колку тоа зборува за (не)способноста за водење на политиката на клубот кој порано значеше синоним за кошарка во Македонија.