
Поранешната фудбалска ѕвезда Клод Макелеле (52) ја замени фудбалската сцена со гламурозната сцена. Некогашниот француски репрезентативец и вицешампион на светско ниво ќе биде дел од жирито за изборот на Мис Универзум 2025, кој ќе се одржи на 21 ноември во Impact Arena во Тајландскиот град Пак Крет.
Организаторите на натпреварот оваа вест ја објавија преку Инстаграм, потенцирајќи го “наследството и интегритетот” на 52-годишниот поранешен средишен играч. “Голема чест ни е да го поздравиме Клод Макелеле во нашиот изборен комитет за 74-то издание на Мис Универзум. Влијанието на оваа фудбалска икона ги надминува фудбалските граници”, изјавија од организацијата.
Данска vs. Македонија: Како тие се справуваат со отпадот, додека ние се расправаме кој е крив?
Тие додадоа дека Французинот “продолжува да инспирира генерации со своето лидерство, извонредност и посветеност,” и токму овие вредности ќе донесат ново гледиште при изборот на следната Мис Универзум.
Макелеле е роден во 1973 година во Демократска Република Конго, а со семејството се преселил во Франција кога имал само четири години. Професионалната кариера ја започна во Нант во 1992, каде што во 1995 го освои францускиот шампионат. По настапите во Олимпик Марсеј и Селта Виго, во 2000 година потпиша за Реал Мадрид, каде што освои седум трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите и два пати титулата првак на Шпанија.
Фудбалскиот пат го одведе и до Челзи, а играчката кариера ја заврши во Пари Сен Жермен со освојувањето на Купот на Франција во 2010 година. За француската репрезентација одигра повеќе од 50 натпревари и беше клучен играч во походот на среброто на Светското првенство 2006.
По завршувањето на играчката кариера, Макелеле ја посвети својата кариера на тренерството. Работеше како тренер и директор во тимови како ПСЖ, Бастија, Монако, Свонзи Сити и КАС Еупен.
Неговата последна ангажман беше во грчкиот Астерас Триполис, кој го напушти во октомври минатата година поради несогласувања со управата. Во приватниот живот, тој бил во врска со манекенката Ноеми Ленуар, со која има син Келијан, роден во 2005 година.