
Фудбалската репрезентација на Македонија одигра реми без голови на гостувањето во Даблин против Ирска, во натпревар во кој домаќините имаа повеќе од играта, но „црвено-жолтите“ успешно одолеаја и ја сочуваа својата мрежа.
Иако дуелот немаше резултатско значење, на теренот се играше мирно и без поголеми возбудувања, со малку ризик и без изразена офанзивна амбиција од двете страни.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Ирците доминираа во поседот и иницијативата, особено во второто полувреме, но избраниците на селекторот Гоце Седлоски покажаа дисциплина во одбраната и не дозволија поголеми изненадувања.
Македонија прва се закани на натпреварот преку Енис Барди, кој во 21. минута се обиде од слободен удар, но голманот Куивин Келехер беше сигурен. Тоа беше и единствениот удар во рамките на голот за нашата селекција.
Најголемата закана за Ирска дојде преку Трој Перот, кој најпрво во финишот на првото полувреме не успеа да реализира добра можност, а потоа во 52. минута ја погоди стативата од голот на Столе Димитриевски.
Во продолжението од мечот, по бројните измени – дури девет во составот на Македонија – ритамот дополнително опадна, а играта загуби на интензитет.
Од македонските фудбалери најмногу се истакна дебитантот Имран Фетаи, кој со неколку одлични интервенции заслужено беше меѓу најдобрите на теренот.
По овој натпревар следува пауза во репрезентативниот календар, а фокусот се префрла кон клупските обврски, по што селекцијата ќе започне подготовки за новите предизвици.