
Тренерот на Реал Мадрид Карло Анчелоти ја честиташе Барселона за заслужено освоената титула.
Со победата над Еспањол со 2:0, Барселона во четвртокот стана нов шампион на Шпанија, два кола пред крајот на сезоната.
Пред почетокот на натпреварот против Севиља, на денешната прес-конференција Карло Анчелоти и честиташе на Барселона за освоениот пехар.
“Барселона играше извонредно и затоа заслужува аплауз. Беа најконстантниот тим низ целото првенство и воедно играа прекрасен фудбал. Да, го заслужија трофејот”, изјави Анчелоти.
Италијанецот нема ништо да забележи на неговите играчи, исто така, ни на клубот за вложениот труд пред почетокот на сезоната.
“Никогаш нема да ги критикувам овие играчи, затоа што знам дека го дадоа својот максимум и ми донесоа толку многу радост во последните четири години. Тие за мене секогаш ќе бидат најдобри. Клубот во тој период донесе играчи како Камавинга, Чуамени, Ридигер, Белингем, Мбапе… и дали можев да побарам повеќе? Не. Што се однесува до Мбапе, неговата прва сезона беше одлична. Знам дека ќе биде уште подобар и ќе постигне повеќе од 40 голови”, истакна Анчелоти.
По завршувањето на Ла Лига на 25 мај, Италијанецот официјално ќе го напушти Реал Мадрид, но веќе го чека нова улога, бидејќи ќе стане селектор на Бразил.
Фото: Real Madrid C.F/FB