
Големото ракометно дерби меѓу Пелистер и Вардар, кое денеска од 18 часот ќе се одигра во Битола, доби своевиден вовед уште во два часот изутрина. Тогаш навивачката група Чкембари со огномет и гласна поддршка им го пореметија ноќниот одмор на вардарци, кои престојуваат во битолски хотел пред клучната пресметка.
Следејќи ги навиките на бројни европски ултраси, битолските навивачи се организираа и се собраа пред хотелот каде што Вардар е сместен во изолација, со цел да се подготви за меч кој потенцијално може да го одреди и патот кон титулата.
Како екраните влијаат на детскиот развој? Разговор со дефектолог
„Нема мирна ноќ за вардарци“, порачуваат Чкембари преку видео-снимката што ја објавија по акцијата.
Пелистер влегува во вечерашниот дуел без простор за кикс. Битолчани заостануваат четири бода зад ривалот од Скопје, кој досега има совршен учинок од 15 победи. Домашниот тим има два ремија и еден пораз, па секое освен победа би им ја отежнало трката. Од друга страна, ако Вардар освои еден или два бода, ќе стекне значајна предност која тешко би се стопила, иако до крајот на сезоната има уште многу натпревари.