
На денешен ден пред 68 години, Формула 1 го доби својот прв британски светски шампион. Мајк Хоторн влезе во историјата по драматична завршница на сезоната, во која до титулата стигна пред Стирлинг Мос.
Возачот на Ферари во пресрет на последната трка во Мароко имаше осум бода предност во генералниот пласман. Тоа Гран при останува единствениот шампионатски викенд од Светското првенство што некогаш се возел во таа земја.
Сезоната за Хоторн била исклучително тешка и трагична. Во текот на годината ги загубил двајцата тимски колеги, Луиџи Мусо и Питер Колинс, а решението за титулата морало да падне во директна пресметка со Мос од Ванвол.
На патеката Аин-Дијаб во Казабланка, Хоторн беше најбрз во квалификациите и ја освои пол-позицијата со десетинка предност пред Мос. Неговите тимски колеги Фил Хил и Оливие Бендебиен стартуваа од петтото и шестото место.
Сепак, трката не тргна според неговиот ритам. Хоторн се повлече наназад по стартот, избирајќи повнимателен пристап со јасна цел – да ја сочува позицијата што му беше потребна за шампионската круна и да остане пред возачите на Ванвол.
Мос брзо се одвои напред, додека Фил Хил беше втор. Во еден момент пред Хоторн беше и вториот Ванвол, управуван од Стјуарт Луис-Еванс. Но, на 41. круг моторот му откажа, по што излета од патеката и доживеа тешка огнена несреќа.
Луис-Еванс успеа да се извлече од болидот, но по префрлањето во Велика Британија почина шест дена подоцна.
Во самиот финиш, по наредба од Ферари, Фил Хил значително забави и му овозможи на Хоторн да се доближи. Американецот потоа го пропушти, а тоа второ место беше доволно Хоторн да ја освои титулата со само еден бод повеќе од Мос.
Веднаш по освојувањето на шампионатот, Хоторн се повлече од Гран при трките. Така го обезбеди своето место во историјата на моторспортот, но неговата приказна имаше трагичен крај, бидејќи само три месеци подоцна загина во сообраќајна несреќа.