Дома Фудбал ФФМ изрече суспензии по инцидентот во Штип: Едно од децата-напаѓачи е исклучено од фудбалот!

ФФМ изрече суспензии по инцидентот во Штип: Едно од децата-напаѓачи е исклучено од фудбалот!

По немилиот инцидент кој се случи за време на натпреварот меѓу младинските екипи на Брегалница и Шкупи во Штип, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе строги дисциплински мерки против инволвираните играчи.

Најстрогата санкција ја доби играчот на Шкупи, Абдуљи Леарт, кој е исклучен од сите натпреварувања под капата на ФФМ, односно доби доживотна суспензија. Дополнително, неговите соиграчи Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар се казнети со забрана за настап од три месеци.

Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст


Казни имаше и за домашниот тим – фудбалерот на Брегалница, Симеон Гоцев, ќе мора да паузира четири натпревари поради својата вмешаност во инцидентот.

„Врз основа на собраните изјави, службени извештаи и пријавата доставена од Комисијата за млади категории во рамки на ФФМ, Првостепената дисциплинска комисија на ФФМ отвори и заврши неколку дисциплински постапки во согласност со Дисциплинскиот правилник (ДП) на ФФМ.

Најтежок инцидент се случи на крајот од натпреварот, кога играчот на ФК Шкупи 1927 со број 9, Абдуљи Леарт, физички го нападна противничкиот играч, нанесувајќи му сериозни повреди. Согласно член 43 став 2 од Дисциплинскиот правилник, со кој се санкционира физички напад со потешки последици, му е изречена најстрога санкција – исклучување од фудбалската организација.

Покрај него, уште двајца играчи на ФК Шкупи 1927 – Рамадани Ибрахим (бр. 5) и Новобрдалија Амар (бр. 30), исто така се вклучија во инцидентот и извршија физички напад. Против нив е поведена постапка согласно член 43 став 1, по што им е изречена казна – забрана на играње во траење од три (3) месеци.

Дополнително, беше утврдено дека играчот на ФК Брегалница 2008 со број 4, Гоцев Симеон, се впушти во груба игра и пречекорена самозаштита, реагирајќи на нападот. За неговата постапка, која спаѓа под член 40 од ДП, му е изречена казна – забрана на играње на четири (4) натпревари.

Одговорност на клубовите и официјални лица на клубовите

Првостепената дисциплинска комисија утврди и организаторска и колективна одговорност на двата клуба.

Против ФК Шкупи 1927 е поведена дисциплинска постапка согласно член 51 од ДП, поради физички напад од страна на родители/навивачи врз противнички играчи, со што е сторен тежок прекршок од страна на навивачи/гледачи. Согласно член 29, санкцијата се однесува конкретно на екипата, помлади пионери која го сторила прекршокот.

Против ФК Брегалница 2008 е поведена дисциплинска постапка согласно член 48 од ДП, поради слаба организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето. И во овој случај, согласно член 29, постапката и евентуалните санкции се однесуваат на конкретната екипа, помлади пионери која била домаќин на натпреварот.

Против Алејса Виши, координатор на млади категории на ФК Шкупи 1927 се поведува дисциплинска постапка поради давање на лажни информации, измама и доведување во заблуда, односно ставање во Комет системот на ФФМ, лица во графата – шеф на стручен штаб и кондициски тренер кои воопшто не присуствувале на натпреварот Брегалница – Шкупи 1927“, соопшти ФФМ.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

16-годишник му донесе победа на Ливерпул по извонредна драма против Њукасл

Ливерпул постигна извонредна драматична победа со 3:2 на гостувањето кај Њукасл. 16-годишн…