
Макс Верстапен нема посакуван старт на своето ново GT појавување во Портимао, откако неговата екипа обезбеди дури 15. позиција на стартот за трката од GT World Challenge.
Холанѓанецот настапува заедно со Крис Лулхам и Бен Барникоат во паузата меѓу обврските во Формула 1, но квалификациите не минаа според планот. Нивниот Мерцедес имаше видливи проблеми во сесијата во самрак, болидот беше поставен пониско од поголем дел од конкуренцијата, а при возењето исфрлаше и многу искри. На крајот, тоа беше доволно само за 15. место во конкуренција од 61 автомобил.
Викендот за Верстапен почна бурно уште на утринскиот тренинг. На својот прв круг, во гужва на патеката, тој го допре аудито на Езекиел Перез Компанк и го заврте. Стјуардите го разгледуваа инцидентот, но не изрекоа никаква казна.
Сепак, подоцна работите изгледаа подобро, бидејќи до крајот на вториот тренинг тимот на Верстапен се искачи до четвртото место. Токму затоа падот во квалификациите беше уште поголемо разочарување.
Барникоат порача дека 15. место не е идеално, но призна дека тимот на 2 Seas Motorsport направил погрешен избор со сетапот.
„Чувствувавме дека ни недостига малку брзина. Бевме релативно високо на листата со времиња, но никој од нас не беше целосно задоволен. Пробавме неколку промени, но очигледно не испадна како што треба – имаше многу искри и многу потскокнување на правците, па мислам дека едноставно промашивме со поставките“, изјави Барникоат.
Трката во Портимао, која ќе трае три часа, започнува во сабота во 17 часот по локално време.
Од пол-позицијата ќе стартува Porsche на Boutsen VDS со Доријан Бокалачи, Морис Шуринг и Алесио Пикариело.