Дома Моторспорт Само една слика не ја открива целата приказна за новата Ф1 патека во Руанда

Само една слика не ја открива целата приказна за новата Ф1 патека во Руанда

Прв впечаток од рендер не е доволен за да се пресуди дали една Формула 1 патека ќе биде погодок или промашување. Токму тоа повторно се отвори како тема по објавувањето на изгледот на новата патека во Руанда.

Станува збор за Rise Motordrome во близина на Кигали, патека што треба да биде домаќин на Африканското ГП од почетокот на 2030-тите. Објавената слика предизвика поделени реакции кај навивачите, а една од причините е што дел од клучните елементи на конфигурацијата воопшто не се забележуваат на самиот приказ.

Најмногу се дискутираше околу тоа дали патеката ќе овозможи доволно претекнувања. Но, дизајнерот Алекс Вурц, по години работа на проектот и илјадници кругови во симулатор, уверува дека конечниот впечаток ќе биде многу поинаков од тоа што сега се гледа на слика.



Според Вурц, оваа патека ќе има најголема висинска разлика по круг во календарот, а токму тие промени не можат вистински да се доловат преку еден рендер.

„За да добиете мала претстава, во втората кривина доаѓаме по надолнина со максимална брзина. Наклонот е 10,8 проценти. Потоа влегуваме во силна компресија со 12 проценти banking, па следува искачување од 14 проценти, така што ќе гледате само небо“, објасни Вурц.

Тој додава дека на излезот од таа секција наклонот се менува од 12 на 6, а потоа на 4 проценти, нешто што во симулатор, како што вели, создава чувство на „чисто уживање“.

Како свој омилен дел од патеката, Вурц ја издвојува секцијата по „canopy corner“, преку гребенот и кон езерото.

„Таму автомобилот прво станува лесен додека минува преку врвот, а потоа веднаш следува компресија од 10 проценти. Од тој момент мора целосно да се фокусирате на брзите есеци“, вели тој.

Поранешниот Ф1 возач и победник на Ле Ман 24 часа смета дека е наивно однапред да се тврди колку ќе има претекнувања само врз основа на распоредот на свиоците. Според него, на тоа влијаат и правилата, гумите, деградацијата, па дури и текот на квалификациите.

Сепак, Вурц верува дека клучот е патеката да им овозможи на возачите да се борат еден со друг.

„Имаме отворени свиоци и низа 1/2/3, каде што следуваат напад, одбрана, напад, одбрана. Ако се браниш премногу, можеш да бидеш претекнат, или ќе станеш доволно бавен за тој зад тебе да те стигне. Тоа ја иницира борбата“, порача Вурц.

Тој не гарантира дека токму ова ќе биде патеката со најмногу претекнувања, но е убеден дека е креирана како патека за возачи, со идеја да донесе дуели и вистинско тркање.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Моторспорт

Проверете

Ферари му даде голема шанса на Бегановиќ: од Ф2 оди во резервен тим за 2027

Дино Бегановиќ ќе ја напушти Формула 2 и од сезоната 2027 ќе биде дел од резервните возачи…