Дома Фудбал Лига на шампиони Летечкото височество Серхио Рамос ги прекина убавите соништа на наивниот Наполи

Летечкото височество Серхио Рамос ги прекина убавите соништа на наивниот Наполи

Наполи и цела Италија некои 50-тина минути имаа живи надежи и соништа за пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а тогаш се појави Серхио Рамос кој го лансираше Реал Мадрид во споменатата наредна фаза од европскиот елитен турнир. Со два гола во негов стил, направи пресврт на натпреварот на 1:2 и ги згасна надежите под Везув. На крајот, резервистот Мората ги постави конечните и идентични од претходнот меч 1:3.

Големото враќање на Наполитанците остана распрсната фантазија под копачките на Серхио Рамос. Два небесни скока на неговото летечко височество од Мадрид беа доволни да ги прекинат надежта и соништата на Наполи многу време пред последниот судиски свиреж.


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Сето она добро кое го направи во подготовките и поставувањето на Наполи во првото полувреме, домашниот тренер Маурицио Сари го поништи со грешките во поставувањето на одбраната за прекин. Познат како одличен експерт за прекини, Сари падна на лекцијата која многумина и пред него ја платиле скапо, поставувајќи ја зонската маркација на тацна како подарок кој Рамос го прифати со двете раце, и тоа во два наврати.

За она што го прикажа Наполи во првото полувреме, Сари ги заслужува сите пофалби и почести. Со фантастичната поддршка од трибините на преполниот Сао Паоло, Наполи полека му ја вадеше душата на Реал. Роналдо имаше статива на 0:0 и можеше многу рано да ги излади надежите на вжештените наполитански глави, но промаши сјајна шанса и им даде време на домаќините да тргнат во операцијата „Атентат на кралот“.

Брзата транзиција на топката од средината кон нападот и користењето на суперсоничното трио Мертенс-Кајелхон-Инсиње го разгоре веќе загреаниот амбиент во Неапол. Дури 11 пати Наполи шутираше на голот од Реал во првите 45 минути, што на Кралевите последен пат им се случило пред четири години во елитното натпреварување. Еден од тие 11 удари заврши во мрежата кога Хамшик, со маестрално додавање во 24-та минута, го исфрли Мертенс по левото крило, а Белгиецот беше незапирлив и беспоштедлив. Гол во вистинско време, на вистински начин и Наполи почна да го игра својот најдобар фудбал. Кој знае како ќе беше до крајот ако Мертенс не погодеше статива во 37-та минута, после уште една лоша игра во одбраната на Реал. Со тој евентуален погодок Белгиецот ќе ја анулираше предноста на Реал од првиот меч.

Наполитанците заминаа со оптимизам на полувреме, но набрзо по враќањето на теренот беа нокаутирани. Рамос во 51-та минута се вивна високо и со глава го заби првиот свој гол во мрежата на Италијанците за 1:1. Наполи и во таа ситуација имаше какви-такви надежи, но тие целосно беа згаснати шест минути подоцна. Уште еднаш Рамос, уште еден скок и уште еден гол во мрежата на домаќинот. Овој пат со помош на Мертенс.

Во тој момент натпреварот веќе беше готов, иако имаше уште повеќе од половина час игра до крајот. Реал си ја заврши работата благодарение на спасителот Рамос. Наполитанците загубија елан и мотив да напаѓаат нешто што веќе беше недостижно и го запишаа и вториот пораз на домашен терен во клупската историја кога се европските натпреварувања во прашање. Сепак, Реал имаше да додаде уште нешто. Пораката ја испрати преку резервистот Мората во дополнувањето од второто полувреме.

Реал замина понатаму, во четвртфинале, уште еден чекор поблиску до тоа да стане првиот тим кој успеал да го одбрани тронот на Лигата на шампионите, ако успее да дојде до финале и да победи. А Рамос е гарант дека таквите амбиции и тоа како се можни за исполнување.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Лига на шампиони

Проверете

Постигнат договор: Поранешен соиграч на Меси ќе биде нов тренер на Интер Мајами

Интер Мајами повторно ќе има аргентински тренер. По заминувањето на Герардо Мартино клупат…