Дербито на 21. коло во Серија А се одигра вечерва на Олимпико, каде Јувентус го совлада Лацио со 2:1, во натпревар во кој веројатно не заслужи ниту еден бод.
Од самиот старт Лацио беше подобар тим на теренот и креираше поголем број шанси. Јуве веројатно го одигра најлошото полувреме оваа сезона, но остана неказнет.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Лацио до заслужено водство стигна во 59. минута и тоа со автоголот на Емре Џан, а нешто подоцна Имобиле имаше одлична шанса да го доведе својот тим до водство со 2:0, но шутираше катастрофално.
Од нигде никаде, Јуве стигна до изедначување. Се играше 74 минута кога Кансело го постигна својот прв гол оваа сезона и тоа само четири минути откако влезе во игра. Тоа беше прва посериозна шанса за Јувентус на овој натпревар.
Тој гол им даде крила на гостите од Торино, но повеќе влијаеше на домашните играчи, кои во некои ситуации изгледаа како да не знаат што да прават. Клучниот момент на натпреварот се случи во 88 минута, кога Лулиќ направи фаул врз противничкиот играч и судијата покажа на белата точка.
Нормално, сигурен од 11 метри беше Кристијано Роналдо кој му донесе нова победа на Јувентус.
Јуве и натаму е прв на табелата со 59 освоени бода од можни 63, а од второпласираниот Наполи сега има огромни 11 бода предност. Лацио падна на осмата позиција со 32 бода, три помалку од Милан, кој е четврти.