Македонија го заврши првиот циклус од новата сезона во Лигата на Нации, па ред е да ги сумираме впечатоците пред најважниот натпревар кој следи за еден месец.
ЕРМЕНИЈА
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Против Ерменците во Скопје реално не бевме на потребното ниво, но се играше во едни необични услови. Репрезентативците по долга пауза за првпат се собраа и играа во термин од 15:00 часот што не изгледаше логично. Но, добро најважен е резултатот, а тој беше на наша страна. Ерменците направија два пенали кои ги изнуди нашиот „дијамант“ Елмас, реализатори беа Алиоски и Нестор. Ерменија имаше игра меѓутоа не создаде премногу прилики, најголемите ги пропуштија во финишот од натпреварот. Можеби тука стануваше збор и за пад на концентрација, сонцето кое преку цел натпревар беше тука ја отежнуваше работата. Како и да е освоивме три бода.
ГРУЗИЈА
Ако во Скопје проблем беше сонцето, тука изненади дождот кој непосредно пред натпреварот го поплави стадионот. Грузијците први стигнаа до предност. Го казнија невниманието на Алиоски кој после подолго време играше како лев бек. Алиоски после натпреварот и сам ја призна грешката. По тој примен гол заигравме нешто подобро ја имавме топката во наш посед и за среќа првата посериозна прилика ја реализиравме. Пандев по кој знае кој пат ја покажа својата класа и маестрално го проигра Ристовски кој го матираше голманот на Грузија. На половина час пред крајот на натпреварот останавме со играч помалку по исклучувањето на Муслиу, па Ангеловски беше принуден да се затвори и тука задачата успешно ја завршивме – не примивме гол.
ШИШКОВСКИ Е ЧОВЕК НА КОЈ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА
Посебно од овие два натпревари лично мене впечаток ми остави Дамјан Шишковски кој го менуваше Столе Димитриевски. Шишковски одлично си ја заврши работата имаше добри одбрани и во двете средби. Покажа дека кога е потребно знае да го замени Димитриевски кој е прв голман.
ТРЕБА ЛИ НЕШТО ДА СЕ КАЖЕ ЗА ПАНДЕВ?
Капитенот одново беше вистински лидер. Против Ерменија пред натпреварот ја покажа својата големина како човек, а во Тблиси блесна со неговата класа. Пред Ерменија Пандев сам побарал и во договор со селекторот беше оставен на клупата, одигра 30-тина минути. Против Грузија започна од почетокот и како и многу пати не предводеше на теренот.
Да заклучиме, играта да не беше на нивото на кое треба да биде, меѓутоа целта ја остваривме четири бода не се лош учинок во првите два натпревари. Овие два натпревари беа најавувани како подготовка за натпреварот против Косово на 8-ми октомври и бодовите секако се одлични за самодовербата и мотивацијата на фудбалерите. Собирот против Косово ќе биде веќе втор во краток период што е добро, а и сите репрезентативци ќе бидат во тренажен процес со тоа и формата би требало да биде на повисоко ниво.
Пишува: Стефан Даскалов