Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан смета дека неговиот тим не е во криза и покрај лошите резултати на последните натпревари и лошиот старт генерално.
Актуелниот шампион синоќа беше поразен на „Вембли“ од Тотенхем со 3:1, додека во Примера заостанува 8 бода зад лидерот Барселона.
„Мислам дека не сме ’изгубен тим’. Можеби ни недостасува смиреност која секогаш ја имавме во завршницата. Кога имате две шанси, морате да постигнете два гола. Мораме да мислиме за трите бода заостаток зад Тотенхем и за следните два меча во групата“, изјави Зидан.
Францускиот стратег напомена дека сезоната е долга и дека е премногу рано да се носат заклучоци.
„Имавме свои шанси, но не успеавме да ги реализираме. Многу сме разочарани, но му честитаме на Тотенхем. Можеби сега не сме сите на своето ниво, но вакви работи се случуваат. Јас не сум загрижен бидејќи знам дека не сме во криза. Моите играчи се шампиони и ќе излеземе од оваа ситуација“, заклучи Зизу.