Фудбалскиот клуб Победа секогаш бил гордост на градот Прилеп. Љубов која не можеше да „избледи“ ни со срамната казната од УЕФА, ни со играњето во понизок ранг…
Меѓутоа, таа љубов полека почнува да се гасне поради несовесното работење на клуското раководство, сведочи Илин Ѓорѓиевски – тренер на пионерски категории во ФК Победа
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Ова е неговата емотивна исповед:
„Накратко, без да ви одземам многу време, да си го кажам тоа што го чувствувам.
Имам една љубов, љубов кон фудбалот, која полека ми згаснува. Таа голема љубов се роди во мене на околу 6-7 години во Прилеп-најфудбалскиот град во Македонија.
Јас тоа го почувствував тогаш, во тие мои детски години, а во моментов не е така. Кога мојата љубов кон фудбалот беше голема, немаше сила која ќе ме спречи да појдам на нашиот градски стадион, на стадионот во Прилеп, и да го гледам мојот омилен тим „Победа“ како се натпреварува против своите противници.
Тоа беше ден за радост, радост каква што не може со ништо да се спореди, лесно да се опише. Чекав ред пред стадионот во таа гужва од народ (нормално без билет), прво со моите другари се обидувавме да се мушнеме на влезот без никој да не забележи, кога ќе не забележеа луѓето кои ги проверуваа билетите фаќавме некои луѓе за рака, молејќи ги да не претстават како свои деца за да не пуштат со нив внатре, да уживаме во нашата љубов, и тоа ни успеваше, секогаш имаше луѓе кои ја разбираа таа наша љубов кон фудбалот и кон „Победа“.
Беа тоа златните години од моето детство, златните денови кога бев среќен како цел свет да е мој. Сите тие фудбалери кои ги гледав како да се богови (и беа во моите очи во тоа време), од кои треперев доколку ми зборнат, правеа таа љубов да расте секој ден повеќе и повеќе… Ќе продолжам понатаму со текстот само да го кажам ова убаво за мене сеќавање – Еден ден, еден од фудбалерите, поточно Панче Ќумбев, ми даде костобрани, во кои толку многу бев заљубен што ги носев нон-стоп со мене и им се фалев на сите мои другари. Костобраните продолжив да ги носам и додека тренирав фудбал.
Не ми помогнаа тие златни за мене костобрани да станам врвен фудбалер, не станав воопшто професионален фудбалер, тренирав до младински категории во мојот клуб „Победа“, продолжив во „Металург“ и завршив…
И денес сите тие фудбалери се раководни лица- тренери, координатори, претседатели во „Победа“, во клубот во кој што и јас работам како тренер во младинските категории. На тие луѓе, раководни лица, сакам да им кажам дека биле некогаш одлични фудбалери, но денес се катастрофални фудбалски работници. Сакам да им кажам дека од ден на ден со начинот на работа успеваат да ја згаснат љубовта на секое дете какво што бев јас некогаш, успешно уништуваат се што сум чувствувал кон фудбалот и кон „Победа“. Сакам да им кажам дека фудбалот не е само бизнис, само спорт, фудбалот е и љубов.
Сакам сите да се пронајдат во овој текст, сакам сите да се почувствуваат навредени и да се замислат зошто се уништувачи на најубавото нешто – на љубовта кон фудбалот. Сакам да допре овој мој текст до сите кои ќе го прочитаат, зашто во очите на децата кои што ги тренирам се гледам себеси, ја гледам љубовта која ја чувствуваат кон фудбалот и не сакам и нив да им згасне тој жар како што згасна во срцето на нивниот тренер.
Спортски поздрав“
Илин Ѓорѓиевски – тренер на пионерски категории во ФК Победа
За тоа каде беше Победа некогаш и каде е сега, сведочи и ова видео, кое најдобро опишува како прилепската гордост го допре дното.