Белгискиот репрезентативец Кевин Де Брујн во Манчестер Сити стана еден од најдобрите играчи за врска во Европа.
Де Брујн во Сити пристигна летото 2015 година од Волфсбург за сума од околу 45 милиони евра. Вниманието на себе Де Брујн го привлече уште додека го носеше дресот на Генк, а Челзи го купи летото 2012 година за сума од девет милиони евра. Меѓутоа во лондонскиот клуб не доби вистинска шанса поради што Жозе Мурињо го продаде две години подоцна.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Меѓутоа португалскиот стратег направи голема грешка со продажбата на Де Брујн кој само една година подоцна покажа колку вреди. Сега Белгиецот се потсети на заминувањето од лондонскиот клуб кое не било баш убаво.
„Се сеќавам тој ден кога Мурињо ме повика во неговата канцеларија. Започна да ми чита статистички податоци од останатите играчи за врска и замолчи. Чекаше јас да кажам нешто. Му кажав дека јас одиграв само три натпревари, а останатите играчи за врска по 15-20 натпревари и дека тие бројки не се изненадување“.
„Во тој момент не бев единствен кој беше во немилост на Мурињо, тука беше и Мата. Ми кажа дека ќе бидам петти избор, место шести ако Мата замине. Тогаш му одговорив дека сакам да ме продадат затоа што сакам да играм фудбал, а не да седам на клупа“, откри Де Брујн.
За Де Брујн тоа не бил најтежок момент во животот бидејќи низ вистинска драма поминувал додека бил младинец во Генк.
„Заминав во академијата на Генк кој беше на другиот крај на државата. Ме исмејуваа поради дијалектот. Живеев во дом на друго семејство, а тогаш кога бев дома за празниците мојата мајка ми кажа дека луѓето каде што живеев не сакаат да бидам повеќе таму. Кажале дека сум премногу тивок и дека не можат да зборуваат со мене. Тоа ме мотивираше уште повеќе за да станам тоа што сум денес“, додаде играчот на Манчестер Сити.