Кливленд и Хјустон водат со 1-0 во конференциските полуфинални серии против Торонто, односно Сан Антонио. Кливленд на домашен терен го победи Торонто 116:105, додека Хјустон направи брејк во Сан Антонио и славеше над Спарси со 126:99.
Леброн Џејмс уште еднаш го предводеше Кливленд до победата во годинешното издание на плејофот во НБА лигата. Џејмс на теренот против Торонто мина 41 минута и имаше учинок од 35 поени, 10 скокови и четири асистенции.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Двоен ефект имаа Кајри Ирвинг (24 поени, 10 асистенции) и Тристан Томпсон (11 поени, 14 скокови), а Кевин Лав постигна 18 кошеви. Торонто го предводеа Кајл Лаури со 20 и Демар дерозан со 19 поени.
Сан Антонио доживеа вистинска катастрофа против ривалот од Тексас, Хјустон. Гостите одиграа совршено првото полувреме, во кое постигнаа 69 поени и направија предност од 30 поени.
Тимската игра и на овој меч беше заштитен знак на Хјустон. Шестмина играчи постигнаа двоцифрен број на поени, а најефикасни беа Тревор Ариза со 23 и Џејмс Харден со 20 поени, 14 асистенции и четири скока.
Кај Сан Антонио потфрлија Ламаркус Олдриџ (4 поени), Пау Гасол (6 поени), Ману Џинобили (8 поени) и Тони Паркер (11 поени). Единствен кој одигра на потребното ниво беше Каваи Ленард (21 поен, 11 скокови, шест асистенции).