Дома Македонски спорт Мак баскет Тажен ден за кошарката: Почина Војислав Зивчевиќ – Тумба

Тажен ден за кошарката: Почина Војислав Зивчевиќ – Тумба

Синоќа, ненадејно, во 60. година од животот почина еден од најистакнатите македонски кошаркари Војислав Зивчевиќ – Тумба.

Популарниот Тумба својата кариера ја градеше во редовите на МЗТ Скопје Аеродром, тим со кој како еден од предводниците во сезоната 1986-87, за прв пат го однесе тимот од Аеродром во тогашната Прва југословенска сојузна лига.

Со своите игри и пред се борбеност Зивчевиќ се избори и за место во тогашниот „Б“ тим на репрезентацијата на СФРЈ.

Покрај „сино-белиот“ дрес на МЗТ Скопје, Војислав Зивчевиќ настапуваше и за најтрофејниот македонски клуб Работнички, од каде мина во редовите на Вардар. Незаборавни се и неговите игри за кочански Деликатес за кој настапи три сезони и Никол Ферт од Гостивар, клуб со кој ја освои шампионската титула.

Популарниот Тумба во кошаркарските кругови ќе остане запаметен како вреден, упорен и борбен играч, кој им пркосеше на сите противници, па дури и најголемите ѕвезди во тогашна Југославија.

Секогаш ведар, насмеан и расположен за кошаркарски муабети, последните неколку години од својот живот ги мина посветен на својот внук Тео во кого гледаше уште еден наследник во кошаркарската лоза Зивчевиќ, покрај својот син Ненад и ќерката Ивана.

Почивај во мир Тумба!

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Мак баскет

Проверете

Победа на сениорите против Црна Гора на втората „контролка“

Одличен настап на сениорите, и победа од (65:58) во втората „контролка“ со Црна Гора Гости…