На денешен ден пред една година, РК Вардар испиша историја и за прв пат успеа да се пласира на завршниот турнир во Келн. Избраниците на Гонзалез на реваншот во Јане Сандански по втор пат во четвртфиналето ја победија екипата на Фленсбург и тоа многу убедливо со резултат 35:27 и го визираа патот кон Келн, каде подоцна успеаа да ја освојат и Европската титула.
Со предност од два гола го стартувавме реванш натпреварот во Скопје, откако триумфиравме и на првиот дуел во Германија. Одигравме перфектен меч пред нашата публика и целосно го надигравме противникот. Самиот резултат говори за доминацијата на овој дуел, а Вардар заслужено се најде меѓу четирите најдобри екипи. Најефикасни на тој натпревар беа Циндриќ со 7, додека Душебаев и Шишкарев додадоа по 5 голови.