
Поранешниот напаѓач на Интер Јурген Клинсман се приклучи кон критиките за состојбата во која се наоѓа италијанскиот фудбал, откако земјата пропушти трето последователно светско првенство.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Според германската легенда на Чизмата не се обрнува доволно внимание на своите таленти, поради што со текот на времето тоа се одразува на нивните кариери. Тој ги даде за пример Ламин Јамал (Барселона) и Џамал Мусиала (Германија), кои уште од 16-17 годишна возраст почнаа редовно да играат за своите клубови и национални репрезентации.
„Италија ја плаќа цената за недостатокот на лидери, на технички играчи и на доверба во младите. Во Италија, фудбалери како Ламин Јамал и Џамал Мусиала веројатно ќе играа во Серија Б за да стекнат искуство“, изјави Клинсман за „Раи Италија“.
Тој додаде и други аргументи, за да ги објасни причините за италијанскиот неуспех: „Тактичката култура е исто така пречка. Многу тренери, дури и денес, работат со цел да не загубат, наместо да сакаат да победат по секоја цена. И ете ги резултатите.“
Клинсман го сподели и своето лично разочарување од неуспехот на „азурите“: „Многу страдав заедно со моите италијански пријатели во Лос Анџелес. Во ноќта по натпреварот (против Босна и Херцеговина – бел. ред.) ми беше тешко да заспијам.“