Топката со која аргентинскиот фудбалер Диего Марадона постигна два познати гола во четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година против Англија ќе биде понудена на аукција.
Според проценката топката од тој натпревар ќе биде продадена помеѓу 2,5 и 3 милиони фунти, објави денеска „Би-Би-Си“.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Топката ја продава Али Бин Насер, фудбалски судија од Тунис кој го призна голот наречен „Божја рака“, кога Марадона со рака ја уфрли топката во мрежата на Питер Шилтон.
„Оваа топка е дел од фудбалската историја, вистинско време е да ја споделиме со светот“, изјави Бин Насер.
Топката ќе биде понудена на аукција на 16 ноември како дел од специјален настан пред Светското првенство во Катар. Аукцијата ќе се емитува онлајн, а потенцијалните купувачи можат да ги регистрираат своите понуди преку интернет од 28 октомври во аукциската куќа „Греам Бад“.
Топката беше искористена за цели 90 минути од натпреварот, кој е еден од најважните и најконтроверзните во историјата на Светските првенства.
Бин Насер не забележа дека Марадона постигна гол со рака. Легендарниот Аргентинец по натпреварот изјави дека голот го постигнал „малку со глава, малку со божја рака“, признавајќи дека се плашел дека судијата ќе го поништи голот.