Македонската репрезентација до 21 година ги започна подготовките за октомвриските квалификациски натпревари за пласман на Европско првенство 2023. Нашата селекција на 7. октомври игра против Фарски Острови во Клаксвик, а четири дена подоцна гостуваме во Ереван против Ерменија.
Чуварот на мрежата на Македонија и еден од најдобрите поединци на последниот квалификациски дуел против Србија, Давид Денковски верува дека оваа репрезентација на Македонија поседува квалитет и ќе се избори за позитивни резултати на двата меча кои ни следуваат.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
– „Не очекуваат две тешки гостувања против Фарски Острови и Ерменија. Ќе дадеме се од себе за да ја оствариме зацртаната цел, а тоа е освојување на максимални шест бода од двата натпревари. Против Франција и Србија очекувавме повеќе, посебно на резултатски план, но освоивме само еден бод. Се надевам дека сега нема да ги повториме грешките од претходните средби и ќе ги оствариме првите две победи во квалификацискиот циклус. Имаме одличен тимски дух, сите сме подготвени да дадеме се од себе за дресот на Македонија“.
Напаѓачот во младата репрезентација и член на Шкупи, Марко Ѓорѓиевски се надева дека нашата репрезентација ќе ја оправда фаворитската улога на двете гостински средби.
– „Фаворити сме на двата натпревари, но тоа не мора да значи апсолутно ништо. Видовме дека една Франција не успеа да слави победа против Фарски Острови. Се работи за репрезентација која игра добар фудбал, посебно на домашен терен. Нашата цел е јасна, а тоа остварување на победа на двете средби. Имаме неколку нови играчи на овој собир, со оглед на тоа што имаме неколку клучни фудбалери што се повредени. Селекторот има јасни идеи, ги презентираше уште на првиот собир, верува многу во потенцијалот кој го има оваа селекција. Функционираме одлично со него, ги слушаме советите и инструкциите што ни ги дава, имаме тешка група, но чекор по чекор можеме да се надеваме на позитивни резултати и остарување на добар пласман“.
Репрезентацијата на Македонија предводена од селекторот Драги Канатларовски во воведните две кола од квалификацискиот циклус загуби од фаворитот Франција со 3:0 и одигра нерешено без голови против Србија на домашен терен.
Фото: ФФМ