Фудбалерите на Манчестер Сити вечерва победија во дербито на „Олд Трафорд“ против Манчестер Јунајтед со 0:2 во заостанатиот натпревар од 31-то коло во англиската Премиер лига и на тој начин скоро и да ја одбранија титулата.
Иако овој натпревар многу значеше и за Манчестер Јунајтед кој се бори за Лигата на шампионите, „црвените ѓаволи“ вечерва не покажаа многу, посебно во офанзивата и Сити лесно стигна до победата.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Првото полувреме не донесе некој посебен фудбал, а дури во самиот финиш Сити се закани преку Стерлинг и Агуеро. Сепак, Јунајтед успеа да се одбрани и првото полувреме заврши без голови.
Во второто „граѓаните“ покажаа дека во овој момент се далеку подобар тим од Јунајтед и постигнаа два гола.
Прво во 54-тата минута и тоа преку Бернардо Силва. Португалецот одлично помина на десната страна и со прецизен удар го матираше Де Геа.
Веднаш потоа Лингард имаше голема шанса за домаќините да изедначат. Беше пред празен гол, но ја промаши топката. Само неколку минути следуваше казна бидејќи мрежата на Јунајтед ја затресе Лерој Сане.
Тогаш беше јасно дека приказната на овој натпревар е завршена. Јунајтед до крајот немаш ниту сила, ниту квалитет да направи било што пред голот на Едерсон.
Секако, овој натпревар со посебно внимание го следеа навивачите на Ливерпул кои се надеваат дека Јунајтед може да одигра барем нерешено, но на крајот тоа не се случи. Сити на три кола пред крајот има бод предност и лесен распоред. Многумина ќе кажат дека титулата ја одбранија уште вечерва.
Од друга страна Манчестер Јунајтед наредната сезона веројатно ќе го гледаме во Лигата на Европа.