Екипата на РК Вардар ќе има “пеколен“ распоред на одигрување натпревари на стартот на месец февруари. Црвено-црните во моментов тренираат во С.Ц. Јане Сандански во некомлетен состав, со оглед дека седум ракометари се наоѓаат на ЕП во Хрватска. За една недела се очекува да го имаат првиот меч во новата година, кога во само два дена ќе имаат гостувања во рамките на СЕХА-лигата. Мешков Брест ќе биде прв противник, натпревар кој е закажан да се одигра на 1-ви февруари на теренот на противникот. Вардарци нема да се враќаат дома, туку ќе продолжат за Словачка, каде на 3-ти февруари пак ќе гостуваат на екипата на Татран Прешов. Вардар е прв на табелата во ова натпреварување, со речиси обезбеден пласман на завршниот турнир.
После споменатите мечеви во СЕХА-лигата, избраниците на Гонзалес ќе го одиграат и првиот натпревар во Лигата на Шампионите, за оваа 2018 година. Црвено-црните ќе гостуваат во арената “Палау Блауграна“ на екипата на Барселона (10.02) , дуел кој според ЕХФ е прогласен за меч на колото во ЛШ.