Брегалница утре ја очекува дербито од 12. коло во Првата македонска фудбалска лига. Повеќе од сериозен предизвик за „сините“ против лидерот Шкупи на Чаир во желбата за продолжување на извонредната победничка серија од изминатите три кола.
По убедливата победа од 0-3 на гостувањето против Пелистер во Битола, сосема очекувано амбициите на секој поединец во тимот се квалитетно издание и против фаворитот Шкупи. Капитенот Даниел Мојсов пред утрешниот натпревар го потенцира мотивот кај секој фудбалер на Брегалница за ново максимално издание и позитивен резултат од гостувањето во Скопје.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
„Големо е задоволството по одличната игра и победата на секогаш жешкото гостување во Битола. Но, тој натпревар е веќе зад нас и мислите секако се насочуваат единствено кон следниот дуел. Јасно е дека не чека најтешкиот натпревар во овој есенски дел против најквалитетниот тим во лигата за кого носиме огромен респект, но во исто време во Скопје да се надигруваме без преценување на никого. Ние за овој натпревар имаме свои идеи, цели и амбиции носени од желбата да приредиме уште една радост на нашите навивачи“ – вели столбот во одбраната на Брегалница, Даниел Мојсов.
Натпреварот од 12. коло во ПМФЛ меѓу Шкупи и Брегалница се игра утре на Стадионот Чаир во Скопје со почеток од 14 часот. Натпреварот во живо ќе биде пренесуван на Македонската телевизија и на Арена Спорт.
Фото: ФК Брегалница